Управен суд пресуди – Арсовска незаконски го назначила Алексов за директор на МКЦ

Незаконско е решението за назначување на дипломираниот детектив Никола Алексов за в.д. директор на МКЦ, утврди Управниот суд. Од Градот Скопје побара да го поништи решението. Но, Алексов и натаму си доаѓа на работа велат вработените. Од Градот нема одговор дали ќе ја спроведат судската одлука.
Управниот суд донесе пресуда со која го поништува решението на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за именување на привремен директор на Младинскиот културен центар (МКЦ) Никола Алексов. Оваа одлука ја донесе судот по тужбата што ја покренаа вработените кои тврдеа дека Алексов е незаконски поставен на директорската позицијата.
Алексов застана на чело на оваа институција, по два дена работно искуство во онаа институција во која дојде од приватниот сектор каде што со дипломата за детектив се занимавал со обезбедување. Тој на директорското столче во јануари годинава го замени Ванчо Богоев кој обвини дека е сменет затоа што не потклекнал на притисокот од генералниот секретар на Град Скопје да го потпише вработување на музичарот Арбен Шакири познат во јавноста како Бени.
Судот пресудата за поништување на решението на Алексов ја донесе на 28 април годинава. Но, во меѓувреме, извори од МКЦ за РСЕ велат дека Алексов и натаму си доаѓа на работа како директор на институцијата.