Унгарија и Полска го блокираа усвојувањето на буџетот на ЕУ


Унгарија и Полска денеска го блокираа усвојувањето на седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување од пандемијата на коронавирусот поради новиот механизам што предвидува кратење на средства за членките на  ЕУ чии влади ги нарушуваат демократските стандарди и владеењето на правото.

На состанокот на претставниците на земјите-членки на Унијата, десничарските влади на Унгарија и Полска ставија вето на таканаречениот „пакет за закрепнување“, со цел да се спречи воспоставување на нов механизам, пренесоа француските медиуми.

Портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач, на Твитер потврди дека Будимпешта стави вето на буџетот на Унијата.

“Унгарија, како што предупреди премиерот Виктор Орбан, стави вето на буџетот, бидејќи не можеме да го поддржиме проектот во сегашната форма, што ја поврзува проценката на владеењето на правото со буџетските одлуки. Тоа е спротивно на заклучоците од јулискиот самит”, напиша Ковач на Твитер.

Буџетот од 1.800 милијарди евра, за периодот од 2021 до 2027 година, беше договорен минатата недела, по неколку месеци тешки преговори, од претставниците на 27-те земји-членки на ЕУ и Европскиот парламент.

За усвојување на буџетот, што вклучува „пакет“ од 750 милијарди евра за закрепнување од пандемијата, потребна е согласност од сите членки на Унијата.

Премиерите на Полска и Унгарија, Матеуш Моравиецки и Виктор Орбан, кои беа обвинети од Брисел за нарушување на владеењето на правото, во писмото до лидерите на ЕУ се заканија дека ќе стават вето на буџетот и планот за закрепнување, а во кое изразија несогласување со новиот механизам.

Лидерот на Европската народна партија, Манфред Вебер, најголемата политичка група во Европскиот парламент, рече дека принципот на владеење на правото е неутрален и се однесува на сите членки на Унијата, без оглед дали се на исток или на запад.

„Доколку го почитувате принципот на владеење на правото, нема од што да се плашите“, напиша Вебер на Твитер.

Тој ја критикуваше можноста за ставање вето, велејќи дека лишувањето на цела Европа од средствата во средината од кризата би било „неодговорно“.

Неколку европски дипломати предупредија дека блокадата се заканува да отвори „сериозна политичка криза“ во рамките на Унијата.