„Уна“ со маестралниот Никола Ристановски ве занемува. А толку е жестока од почеток до крај
Силна приказна. Моќна режија. Маестрална актерска игра. Таква е претставата „Уна“ на Звездара театар од Белград кое Скопје одвај ја дочека. Интересот беше преголем за една изведба, па во МНТ се играше две вечери во преполни сали. Оваа претстава ја крена и завесата на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Магдалена Мијатовиќ ја игра студентката Уна. Нашиот Никола Ристановски го игра универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, Сена Ѓоровиќ е негова сопруга, а Марко Гверо е продекан. Познатиот роман на Момо Капор е адаптиран за сцена од Стеван Копривица, а во режија на нашиот Дејан Пројковски.

„Уна“ на Звездара театар не се гледа- се доживува. Не е само претстава. Таа е искуство. Од првиот до последниот миг, сцената дишеше со една силна, тешка и искрена емоција. А публиката молчеше. Слушаше. Чувствуваше. Трепереше. Се смееше.

Ристановски уште еднаш покажа зошто е еден од актерите кои (не)мораат да кажат многу за да кажат сѐ. И зошто ги собра сите награди за улогата на харизматичниот универзитетски професор Мишел Бабиќ на фестивалите низ Србија и БиХ. А Пројковски покажа зошто неговиот театарски ракопис е препознатлив и силен.

И потоа – аплауз. На средина од претставата и на крајот. Долг, силен, искрен. Аплауз кој не е само награда за актерите, туку признание дека сме присуствувале на нешто посебно.Тоа беше една од оние театарски вечери по кои не стануваш веднаш од седиштето – затоа што имаш потреба уште малку да останеш во светот што штотуку си го напуштил.

„Уна“ е претстава што останува. Во мислите, во срцето. Одамна не сме гледале ваков жесток театар. И одамна Скопје не било вака воодушевено.

Секогаш е предизвик да се постави познат роман на сцена, особено кога тој роман има и позната филмска адаптација во која глумат Шербеџија, Соња Савиќ, Милена Дравиќ, во режија на Милош Радивојевиќ. Како можат да се избегнат споредбите? Дали има некој што не го слушнал познатиот дел од романот – „Ако ме сакаш, почни го утрешното предавање со три збора што ќе ги содржат почетните букви од моето име…“ Влезе во амфитеатарот и рече: „Во нашата авангарда…“. Уна.

Претставата „Уна“ е заснована на мотивите од истоимениот култен роман на Момо Капор, но и на нови значења и конотации наметнати од времето во кое живееме. Театарското читање мораше да избега од кинематографскиот и литературниот шаблон и да бара нови исходи во „фаталната привлечност“ на некогаш харизматичниот професор Мишел Бабиќ и самодоверливата и еруптивна студентка Уна.

Видовме силна љубовна приказна во ова време, во која се испреплетени еротизмот, емоцијата, политиката, догмите, генерациските паузи и резигнираниот бунт на осамениот херој. Ова не е приказна за тоа како љубовта победува, ова е приказна за тоа како љубовта се случува, менува сè што знаеме, а потоа исчезнува, оставајќи светла трага зад себе. Спомен, ако ништо друго. Дело со посвета на Капор, Арсен Дедиќ, благородни времиња и чувства кои ја губат битката со времето, кое „тргнало толку лошо што не вреди да се фабулира“. И покрај ова, раскажува љубовна приказна, и дека ќе има такви што ќе сакаат да ја видат и чујат и да додадат во својот живот некои вредни спомени, носталгија, дури и ако била „непристојна на овие простори“.
