Улрих Мејер-Хорш, театарски педагог, актер: Мораме да се избориме против културниот фастфуд


Имагинацијата е една од клучните техники за актерот, особено во денешницата, во која во сите делови од светот нè учат да не ја користиме. Во време кога медиумите ни пренесуваат културен фастфуд, ние мора повторно да се поврзиме со изворното.

Ова го вели наградуваниот германскиот актер, режисер и предавач Улрих Мејер-Хорш, кој неколку дена во „Театар на Навигаторот Цветко“ (Кино Култура) работеше и со македонски актери воведувајќи ги во техниката на Михаил Чехов. Техниките по актерска игра што ги развил Михаил Чехов, внукот на Антон Чехов, се состојат во имагинацијата и чувствителноста на телото на актерот, а една од главните алатки на неговиот метод е психолошкиот гест.

Германскиот предавач Хорш е дипломиран театарски педагог, теолог и филозоф, од универзитетите во Хајделберг, Хамбург, Кил и Лондон (Кралскиот колеџ). Околу 30 години е активен на театарската сцена, а своето искуство го пренесувал на многубројни актери во Европа, Русија, Ерменија, Средниот Исток, Бразил, Уругвај, САД, Јапонија, Сингапур и Тајван. Предава и на Универзитетот „Једитепе“ во Истанбул, а од јануари 2020 година ќе ја преземе уметничко-директорската функција на Школата за театар во Хамбург. Коосновач е на „Михаил Чехов“ – Европа и е член на Меѓународниот наставнички совет на Асоцијацијата „Михаил Чехов“ во Њујорк. Своето образование го надградувал со поранешните ученици токму на Михаил Чехов – Хурт Хатфилд, Диадри Хрст ду Преј, Мала Пауерс и Јоана Мерлин.

Во разговор со „Независен весник“, Хорш вели дека иако глумците ширум светот имаат различни основи во едуцирањето и праксата, тие сепак имаат заеднички проблем или предизвик.

Н: На што прво ги учите младите актери?

Она што го правиме во Школата за театар во Хамбруг е дека актерите уште од првиот ден ги третираме како артисти, уметници. Не ги третираме како студенти. Затоа што, ако некого го третираш како студент, тој секогаш ќе остане студент и ќе се однесува така. Но, третирајќи ги како уметници, тогаш подобро ќе сфатат што значи да бидеш уметник кој има уметничка слобода. А за да ја имаш уметничката слобода, тогаш мора да се научат вештините. Во 20 век има околу 25 основни актерски техники, а во 21 век има десетина техники кои навистина се вредни, но не може актерите да се натпреваруваат кој колку техники знае. Ако сте добар актер, со самото совладување на една техника, вам ви се отвора друга. Ако сте добро трениран по техниките на Станиславски, ќе мора да се отворите кон другите техники. Ние сме уметници и постојано треба да работиме на тоа умот и телото да ги шират предизвиците. Ен Богарт смета дека актерите треба да поседуваат три работи, страст, вештина, но и да кажат нешто, да пренесат порака. Ако ја немаш страста, зошто би одел на сцена или зошто би започнувал нешто, ако немаш вештина, попусто имаш страст, нема да знаеш како да ја пренесеш. На крај, и да имаш страст и вештина, ако не кажеш ништо попусто ги имаш и двете. Ако нема што да кажеш, вештината нема да ти помогне, ниту страста, сè ќе биде празнина. А навистина сметам дека ние уметниците од 21 век треба да кажеме нешто.

Н: Кои се најважните вештини според Михаил Чехов што секој актер треба да ги совлада?

Михаил Чехов рекол дека актерите ја сакаат својата професија, ја сакаат публиката, ја сакаат претставата, сакаат да бидат на сцена, го сакаат карактерот што го толкуваат. Сето тоа е љубов. Ние актерите треба да се поврземе со тоа, во спротивно сè што правиме на сцена ќе биде плитко. Секој актер треба да знае за психолошкиот гест на Чехов. Тоа е всушност психофизичко движење. Станиславски ја дефинирал целината на ликовите, на претставата, но Чехов вели дека тоа мора и да биде физички реализирано. Прво, физичката подготвеност е многу важна, телото треба постојано да се тренира. Втората работа е имагинацијата, но не само да ја имаш туку таа да се продлабочува. Тука во Скопје главно работевме на имагинацијата, на нешто што го слушаме, гледаме, вкусуваме, замислуваме, мирисаме. Имагинацијата е поголема од меморијата, поголема од личниот животот и токму преку ова Чехов ги тера актерите да бидат поголеми од она што се. Ако ја користам мојата имагинација и го играм Хамлет, тој секогаш ќе биде поинаков. Ако го користам само моето лично искуство, ќе го сведам Хамлет на моето персонално ниво. Но, ако ја користам имагинацијата, веројатно Хамлет ќе ме однесе на неговото ниво. Е, тоа е тоа што Чехов го бара. Ако мислите на личноста што ја љубите или посакувате, вашето внатрешно тело оди до неа и ја допира, иако седиме физички тука. Секогаш сме управувани од нашите имагинации, слики, визии, надежи, потенцијали. Третата важна работа кај Чехов е атмосферата. Секое место има атмосфера, и ова бифе на ФДУ има атмосфера, но ние како актери може да го трансформираме, може да го направиме возбудливо или тажно, ладно или топло. Чехов вели дека атмосферата е душата на перформансот. Сум видел многу добри перформанси, со добри техники, актери со добри намери, но ми беше досадно. Зошто? Затоа што немаше атмосфера. Ние сакаме да биде трогнати, да бидеме изместени од место кога една претстава или перофрманс ќе заврши. Атмосферата е таа што ги спојува уметниците и публиката.

Н: Во вашите написи за театарот и актерската игра често се навраќате на она дека актерите треба да научат да се слушаат меѓу себе додека се на сцена…

Тоа е многу важно. Тоа е најосновната техника на Чехов. Не само за актерите туку воопшто за луѓето, да научиме да се слушаме меѓу себе. Една од најважните работи во 21 век е да научиме што значи да водиш дијалог. Тоа е давање и примање, а нема давање без примање и обратно. Затоа, мора да слушаш пред да реагираш, без разлика дали се однесува на партнерот на сцена или во приватноста. Чехов се осврнува и на индивидуалноста, за која вели дека нема да се изгуби кога работиш во ансамбл. Доаѓаш повеќе до израз, стануваш поинтересен ако си опкружен со луѓе. И ова не важи само за театарот. Ако имаш семејство, пријатели и се откажеш од своето его, стануваш поголем, а не помал.

Н: Кои се денешните предизвици на театарот или на современиот театар?

Тешко ми е да кажам современ театар, но има европски театар, има американски театар, има јужноамерикански, јапонски театар… Но прашањето е на место затоа што сите овие имаат нешто заедничко. Во театарот треба одново да научиме некои работи. Веќе зборувавме за имагинацијата и сега ќе кажам во друг контекст зошто е повторно важна. Затоа што секаде низ светот, луѓето ни велат да не ја користиме нашата имагинација. Во медиумите гледаме слики, но тоа не се нашите слики, тоа е како фастфуд. Нè учат на културниот фастфуд, а ние треба повторно да научиме да се поврзиме со изворното. Втора работа е емпатијата, иако не е толку типична за Чехов, се учи насекаде. Но, и не само како уметници, ние треба да знаеме да го видиме светот со другите очи. Ако успееме во тоа, можеби ќе разбереме зошто некој се однесува така како што се однесува. Политиката во светот ни вели или си со мене или си против мене. Или си ми пријател или си ми непријател. Во театарот ние тоа го правиме обратно, се трудиме да го разбереме „непријателот“. Се трудиме да разбереме зошто Ричард Трети, масовниот убиец, се однесува така. Тука не се зазема страна, туку преку емпатијата ги разбираме подеднакво и Ромео и Јулија. А тоа е навистина важно во денешниот политички дискурс. Ја зборавивме емпатијата.

Н:Веќе неколку дена сте во Скопје, се запознавме со македонски актери, претежно со помладите. Кои се вашите совети за нив?

Она што треба да го научат македонските актери е истото што треба да го научат и германските актери или француските итн. Основата е во тоа да научат да учат. Забележувам едно однесување, генерално кај сите актери. Ако завршиле факултет со четири години, мислат дека знаат сè. Тоа е погрешно, актерот учи постојано. Пред неколку години правевме кабаре-претстава во Германија. Иако тоа не е наш жанр, решивме да го направиме. Главната улога му ја понудивме на еден од најдобрите актери, возрасен човек, за кој сметавме дека тој е најсоодветен. Тој ни рече: „Но, како јас да го играм тоа, никогаш не сум играл такво нешто. Оставете ме да размислам“. По неколку дена се јави и кажа – прифаќам. Ни појасни дека го прифаќа предизвикот токму затоа што тоа за него е ново. Е такво однесување и став треба да има секој актер. Да бидат љубопитни и да пробуваат нови непознати работи во театарот.

Ивана Настеска

Фото: Борис Грданоски