Украле генератор од „Бучим“ и го препродале – уапсени шест лица, меѓу кои и вработен во рудникот
Откриена група крадци и помагачи кои краделе предмети во рудникот „Бучим“ и ги продавале на нелегален отпад, објави Министерството за внатрашни работи и посочи дека за нив ќе следуваат соодветни пријави.
– На 18.11.2025 во 09:00 часот на стариот магистрален пат Струмица-Радовиш, во близина на село Владевци, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица ги лишија од слобода А.Д.(31) и К.И.(19), двајцата од Струмица.
При преглед на товарно возило „форд“ со струмички регистарски ознаки, во кое биле затекнати лицата, пронајдени се делови од генератор. Истиот ден во 12:30 часот во близина на село Воиславци, радовишко, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишија од слобода и Е.У.(45) од Струмица затоа што при преглед на товарно возило „форд“ струмички регистарски ознаки, кое го управувал, пронајдени се генератор, алат и други предмети – се појаснува во нивното соопштение.
Воедно од МВР посочуваат дека, в службени разговори во полициска станица лицата изјавиле дека предметите ги украле од рудник „Бучим“ во Радовиш, а воедно признале дека и претходно имале извршено вакви дела, по што одземените предмети ги продавале на лицето А.Ш.(43) од Струмица.
– Подоцна, со судска наредба, извршен е претрес во домот на А.Ш., при што во негова близина пронајдена е поголема количина на складиран отпад и стари возила. Притоа, инспектор за животна средина утврди дека има складирано поголема количина на отпад со кој А.Ш. и Е.Д. неовластено тргуваат и дека на тој начин истите вршат кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“ по член 230 од Кривичниот законик.
Во врска со настанот, од слобода е лишен и В.А.(32) од Радовиш, вработен во рудникот „Бучим“, кој се сомничи дека за одреден паричен надомест дозволувал на лицата преку спореден влез да влегуваат во кругот на рудникот и да ги одземаат предметите – се додава во соопштението.
МВР објави дека лицата се задржани во полициските станици во Струмица и Радовиш, за настанот е запознаен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот против лицата ќе биде поднесена кривична пријава.