Украинските дронови во март неутрализирале над 77.000 непријателски цели, соопшти Сирски


Украинските одбранбени сили уништиле повеќе од 77.000 непријателски цели во текот на март, користејќи различни типови дронови, што претставува зголемување од 10 отсто во однос на претходниот месец, јави Укринформ повикувајќи се на главниот командант на украинската армија, генерал Олександар Сирски.

Во објава на Фејсбук, Сирски ја објави оваа информација придружена со видео кое прикажува воздушни напади извршени со украински дронови.

Тој посочи дека унапредувањето на борбената способност на беспилотните системи е клучен приоритет за Украина и дека зголемената употреба на дронови спасува животи на украинските бранители.

Главниот командант им се заблагодари на припадниците на вооружените сили за нивниот професионален и успешен ангажман во борбените мисии.

Укринформ потсетува дека Киев планира повеќекратно да го зголеми производството на беспилотни летала од типот „камикази“ со долг дострел.