Украински генерал предвидува: Војната ќе заврши до крајот на годинава


Војната против Русија ќе достигне пресвртна точка во средината на август и ќе заврши до крајот на годината, кажа шефот на украинското воено разузнавање, генерал мајорот Кирило Буданов во интервју за „Скај Њуз“.

„Пресвртната точка ќе биде во втората половина од август. Најголем дел од активните борбени акции ќе завршат до крајот на годината. Како резултат, ние ќе ја обновиме украинската власт на сите територии кои ги загубивме, вклучувајќи ги Донбас и Крим“.

Украинскиот генерал вели дека Русија претрпува огромни загуби, но не сакаше да зборува за украинските загуби. Тој додава дека не е изненаден што Русија има толкави загуби во војната, бидејќи, како што вели, руската моќ е мит.

„Европа гледа на Русија како на голема закана. Тие се плашат од нејзината агресија. Ние се бориме со Русија осум години и можеме да кажеме дека е мит руската моќ, на која и се дава голем публицитет. Не е моќна како што се мисли. Тоа е орда луѓе со оружје“, вели Буданов.

Тој тврди дека рускиот пораз во Украина ќе доведе до отстранување на рускиот претседател Владимир Путин од власта и дека веќе е во тек пуч против него.