Шпионски трилер: Убиениот украински преговарач бил двоен агент?
Денис Киреев (44) наводно бил застрелан во главата од припадници на украинската служба СБУ. Украинската воена разузнавачка служба ГУР тврди дека тој загинал во специјална операција
Интригантната вест од саботата за убиството на еден од украинските преговарачи во првата рунда со руските претставници предизвика повеќе прашања отколку одговори. Во оптек се бројни контрадикторни информации за околностите на смртта на Денис Кирев (44)неговата смрт, а единствено што засега со сигурност може да се каже е дека Киреев повеќе не е жив.
Според германски „Билд“, приказната за смртта на Киреев има форма на вистински шпионски трилер. Според првичните извештаи, кои се појавија во „Украинска правда“, тој бил застрелан во глава од членови на разузнавачката агенција СБУ при обид да го уапсат. Причина за апсењето било обвинението дека Киреев, татко на три деца, всушност бил руски агент, што наводно било откриено со следење на неговите телефонски контакти.
„Украинска правда“ се повика на извори блиски до владејачката украинска гарнитура, но во меѓувреме се појавија информации дека Киреев всушност бил двоен агент кој работел и за Киев и за Москва. „Билд“ наведува дека истражувачкиот новинар Мајкл Вајс на Твитер рекол дека таквата верзија му изгледала убедлива, особено кога слушнал дека го убиле членови на СБУ. Имено, тој тврди дека поранешен шеф на украинското разузнавање му се доверил дека Киреев и криел странски шпиони и ги фаќал.
Набргу потоа се појавија нови контрадикторни вести, овој пат од круговите на украинската воена разузнавачка агенција ГУР. Еден од нејзините вработени, пишува „Билд“, тврди дека Киреев всушност бил еден од тројцата оперативци на ГУР кои биле убиени за време на специјалната операција. Самата агенција објави токму таква верзија на својот Фејсбук профил: објавија имиња и фотографии на три лица, меѓу кои и Киреев, за кои тврдат дека се нивни вработени и кои загинале „бранејќи ја Украина“. Сите тројца ги нарекоа херои и им изразија сочувство на нивните семејства.
Пред воената драма во Украина, за Киреев се знаеше дека доаѓа само од банкарскиот сектор, но интригантна информација е дека во 2020 година бил обвинет дека работел за Русите. Тој, наводно, често патувал во Русија, каде што изградил врски со олигарси блиски до поранешниот проруски украински претседател Виктор Јанукович, кој пак е близок со Кремљ.
Друг детал што сега привлекува внимание по смртта на Киреев е фактот што неговото име не се најде на официјалната листа на украински преговарачи во Гомел, иако фотографиите објавени од преговорите јасно покажуваат дека тој седел на маса со делегатите од Киев.