Украина и ММФ постигнаа договор за нова транша од половина милијарда долари

Украина и ММФ постигнаа договор за осмиот преглед на програмата за проширен механизам за финансирање (ЕФМ), кој предвидува добивање транша помош од околу 500 милиони долари за Украина, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал.
„Ќе можеме да ја добиеме следната транша во износ од околу половина милијарда долари откако ќе биде одобрен прегледот на извршниот одбор на ММФ, што се очекува во рок од еден месец. Ова ќе го доведе вкупниот износ на плаќања во рамките на програмата до над 10 милијарди долари“, рече Шмихал на каналот Телеграм, пренесува агенцијата Укринформ.
Тој додаде дека, според проценките на ММФ, и покрај предизвиците од војната, украинската економија останува отпорна, а владата продолжува со потребните промени и реформи.
„Им се заблагодарувам на тимовите на владата и на Народната банка на Украина за нивната квалитетна работа, како и на ММФ за нивната поддршка и сигурно партнерство. Програмите на ЕФМ ни помагаат да ја одржиме економската стабилност во тешки услови“, нагласи Шмихал.
По состанокот со мисијата на ММФ, која ја предводеше нејзиниот шеф Гевин Греј на 26 мај, тој објави дека мисијата ја завршува работата на осмиот преглед на продолжената програма за финансирање, која предвидува транша помош од околу 500 милиони долари за Украина.