Украина ги прекина дипломатските односи со Русија

Украина ги прекина дипломатските односи со Русија откако Москва започна целосна инвазија, објави во четвртокот претседателот Володимир Зеленски.
Зеленски ја даде изјавата во телевизиско обраќање во живо, споредувајќи ја Русија со нацистичка Германија.
„Украина се брани и ние нема да ја отстапиме нашата слобода“, рече тој. „Русија ја нападна нашата држава на начинот на кој тоа го правеше нацистичка Германија за време на Втората светска војна“.
Украинскиот лидер ги повика сите со борбено искуство да земат оружје, побара крводарители и гарантираше амнестија на „сите оние кои сега се под санкции, но се подготвени да се борат со Русија“.
Рускиот претседател Владимир Путин нареди напад врз Украина во раните утрински часови во четвртокот, тврдејќи дека се прават напори за „демилитаризација“ и „денацификација“ на нејзиниот прозападен сосед, што наиде на остра реакција од западните земји.