Украина, Блискиот Исток, Сахел и Судан главни теми на денешниот Совет за надворешни работи на ЕУ
Руска агресија врз Украина, ситуација на Блискиот Исток и случувањата во регионот на Сахел и во Судан ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, со кое ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Во вторникот Грција најави дека на Советот ќе презентира своја иницијатива за европската перспектива на земјите од Западниот Балкан, во рамки на позиција на Атина за интеграција на регионот во ЕУ, под услов дека се почитуваат и исполнуваат условите за почитување на европското законодавство и за владеењето на правото.
Во пресрет на денешниот Совет, синоќа високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас беше домаќин на неформална вечера со шефовите на дипломатиите на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата од Западниот Балкан на која учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Инаку, по завршувањето на заседанието на Советот, ќе започне Министерскиот форум ЕУ-Индо-пацифички регион, кој ќе продолжи и утре.