Училиштето не смее да биде место што предизвикува паника – бомбите стивнаа

УНИЦЕФ внимателно го следи развојот на состојбата со зачестените дојави за бомби во училиштата, како и можните решенија што надлежните институции ќе ги понудат


Фото: Б. Грданоски

Училиштето никогаш не смее да биде место што предизвикува страв и несигурност кај децата. Тоа треба да биде место коешто на децата им обезбедува безбедна средина за учење за да можат непречено да учат и да се образуваат е ставот на УНИЦЕФ по повеќемесочните дојави за поставени експлозивни направи во училишните објекти, што „Независен“ го побара од оваа светска организација.

Велат дека УНИЦЕФ внимателно го следи развојот на состојбата со зачестените дојави за бомби во училиштата, како и можните решенија што надлежните институции ќе ги понудат. Предложените решенија треба да бидат водени од најдобриот интерес на детето и мора да обезбедат безбедност и сигурност на децата на училиште, сугерираат од канцеларијата во Скопје.

Појаснуваат дека за време на пандемијата со Ковид-19, преминот кон учење на далечина беше неопходна мерка. За да им помогне на децата да продолжат со образованието, УНИЦЕФ обезбеди финансиска и техничка поддршка за спроведување на онлајн наставата. УНИЦЕФ ја поддржа наставата со физичко присуство кога беше безбедно да се отворат училиштата за настава со физичко присуство, а со задржување на учењето на далечина како опција што може да се примени кога е потребно. Ставот на УНИЦЕФ отсекогаш бил дека кога се постигнати сите неопходни услови за безбедна настава, децата треба да бидат во училиште и да учат, велат од таму за „Независен“.

Фото: Б. Грданоски

Откако во четвртокот вечерта се најавија нови мерки и нов начин на преземање мерки по примена дојава за поставени бомби во училиштата, ниту во петокот, ниту денеска, во медиумите не стигна информација дека некое училиште е евакуирано. 

Согласно новите протоколи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска рече дека  МВР ќе известува доколку има каква и да е реална закана, додека сѐ останато, како нереални закани со низок степен на веројатност, ќе се пренесуваат до степен, до кој што треба да бидат пренесувани.

– Основата на тероризмот е токму сензационалноста. Ако ја сузбиете сензационалноста, го намалувате и нивото на овие закани, рече Спасовски.

Според Спасовски, добро е што јавната свест е на високо ниво.

– Подигањето на јавната свест, значи и градење на инструменти за отпорност на општеството во овој дел, истакна Спасовски.

Уверува дека состојбата е целосно под контрола.

– Полицијата е тука, ќе биде во секое од училиштата, во сите институции. Будно работиме, во целиот изминат период, затоа што за нас сигурноста, безбедноста и спокојот на граѓаните се на прво место, порача  Спасовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски (Фото: Б. Грданоски)

На сила се новите упатства, мерки и планови што се преземаат за вакви кибер закани, а во комуникација се, не само со Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, туку и со сите други државни институции, кои што практично се дел од таа алка на справување со ваквите кибер закани.

Спасовски, исто така, подвлече дека се преземаат истражни дејствија за секоја дојава што пристигнува и дека имаат одредени сознанија за луѓе што тоа го правеле од наша територија, а во последните неколку дена генерално тие што доаѓаат со ВПН од надвор се од Иран и Русија. Се води и изтрага за дојавите кои доаѓале од Македонија.

– За општеството, посочи Спасовски, е важно дека мора да имаме систем, кој што ќе има брз одговор и второ, што е најважно, сите што ова го направиле да бидат изведени пред лицето на правдата, за да се оневозможи поттикнување на другите – рече Спасовски по денешната конференција „Униформа, оклоп кој значи ранивост – нашата секојдневна борба на два фронта“, во организација на МТСП.

Дојави за поставени експлозивни направи на електронските адреси на училиштата стигнуваат од октомври, со пауза за време на распустот. Најмногу дојави примаа средните државни училишта и тоа во Скопје, а поретко во другите градови, но во последниот период зачестија дојавите во основните училишта во Скопје и Прилеп. 

По секоја дојава се евакуираа учениците и вработените, со што се губеше од наствата. МОН минатата недела препорача по евакуацијата, учениците да се приклучат на онлајн настава, која пак беше тешко изводлива, затоа што повеќето ги имаа заборавено своите меил адреси и лозинки или пак затоа што на дел од средношколците  им е потребно повеќе време да се вратат дома за да се приклучат на „тимс“.