Учениците од Визбегово немаат градски автобус до училиште, директорот на ЈСП треба да го реши проблемот
Автобусот 18 а, кој единствен сообраќа кон Скопје од Визбегово, повеќе не сообраќа, па децата сами треба да си обезбедат превоз или родителите да ги одведат до училиште.
Овој проблем и уште два други, поврзани со ЈСП „Скопје“ и градскиот превоз во главниот град ги изнесе советникот Авдуљ – Селам Селами од Националната алијанска за интеграција, на денешната седница за советнички прашања на Град Скопје.
Како што појасни Селами, и линијата 47 а, има барања од граѓаните, затоа што таму има јавен превоз од приватен превозник кој воопшто не го почитува тајмингот за да ги превезе граѓаните од Љуботен, село со 3.000 граѓани. Исто така, има барање од жителите на селото Дворце во Сарај, да се продолжи од линијата на автобусот од Радуше до Дворце, а се работи за линијата со број 56. На тој пат има мост, а се работи за двокатен автобус, и тој не може да помине под него. Селами побара да се смени со низок автобус или комбе со цел граѓаните да имаат превоз.
– Апсолутно се издржани забелешките во однос на ЈСП сообраќајот – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и го замоли директорот на ЈСП доколку е можно да се бајпасираат овие проблеми.
– Целата состојба во однос со јавниот превоз ќе се нормализира откако ќе стигнат новите автобуси. Вчера беше завршена постапката тендерска, и влезени се во евалуација на целата документација, такашто целата голгота ќе заврши конечно. Што се однесува на онаа флота, којашто ја поседуваме во ЈСП „Скопје“, од состојбата од некаде околу 130 наши автобуси коишто беа во функција, сега во моментов од гаражите излегуваат, по некаде од двете позиции по 90 автобуси, значи имаме зголемено за 50 автобуси функционални изминатиов периот, или бројката е 180 автобуси, кои сообраќаат на линиите, а се сопственост на ЈСП „Скопје“ и дополнително зголемен е бројот на приватните превозници – рече Ѓорѓиевски.
– Мислам дека е подобрена состојбата, а дали е идеална, знаеме дека не е – додаде Ѓорѓиевски.
Ќе се подобрува хигиената на автобусите
На советничко прашање, дали има одделение за одржување на хигиената на автобусите, однадвор и однатре, Ѓорѓиевски го предупреди директорот да повнимава на хигиената и откри дека досега немало перална за авобусите, а во наредниот период ќе се обезбеди и таа.(Б.Б.)
Објавен повик за набавка на 150 еколошки автобуси – првите 30 се очекуваат за шест месеци