Учениците без учебници, а министерот Шаќири оди на Самит во Њујорк за трансформација на образованието
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе учествува на Самитот за
трансформација на образованието, што од 16 до 19 септември ќе се одржи во Њујорк,
САД. Самитот, свикан од генералниот секретар на Обединетите Нации, има за цел да
мобилизира на глобална политичка акција, барање решенија и покажување
солидарност во пост-пандемискиот период, насочени кон подобрување на квалитетот
на образованието, соопштија од министерството.
Откако почна учебната година, министерството неколкупати соопшти дека учениците ќе имаат материјали за учење, барем во дигитална форма, но тие уште не се поставени на платформата. на нови учебници за учениците до петто одделение најавија дека ќе чекаме барем три месеци,а во меѓувреме беа поделени материјали, односно еден учебник по четири предмети.
Вчера и Сојузот на средношколци се пожали дека немаат учебници, дека некои се толку уништени од претходните генерации што е невозможно да се учи од нив, а оние во стручните училишта ги немаат учебниците токму за стручните предмети.
Сепак, од минстерството денеска соопштија дека на образовните системи им е неопходно преобмислување, за да можат да ги совладаатзагубите во учење предизвикани од пандемијата, да воспостават механизми за совладување на идни предизвици, да овозможат еднаквост и вклученост, како и квалитет и релевантност. Просперитетна иднина на децата и младите се гради преку образование кое се темели на колективен стремеж за мир, правда, човекови права и
одржлив развој и затоа Самитот претставува исклучителна можност на едно место да
се презентираат и слушнат глобални искуства, актуелни состојби и предизвици, како и
стратегии за градење на квалитетно образование за 21 век.
Ова најверојатно ќе биде и дел од пораките што министерот Шаќири ќе го сподели со своите колеги од целиот свет.
Дополнително, соопштија дека на Самитот за трансформација на образованието му претходел и претсамит во седиштето на Организацијата за образование, наука и култура на ОН (УНЕСКО) во
Париз, Франција, во јуни годинава, каде министерот Шаќири посочи дека Владата на
Северна Македонија не само што овозможи континуитет на воспитно-образовниот процес за време на пандемијата, туку во овој период ја иницираше и ја почна најкрупната образовна реформа. Тој укажа дека националното образование се трансформира во систем кој ги пресретнува барањата на современото дигитално општество, преку нови наставни програми и материјали за учење кои етапно се воведуваат, а промените се фокусираат и на релацијата ученик-наставник како и на подобрувањето на образовната инфраструктура.
Во рамки на подготовките за Самитот, Министерството за образование и наука со поддршка од УНИЦЕФ спроведе национални консултации со сите релевантни чинители за тоа како треба да изгледа образованието во државата во иднина: со граѓанскиот сектор, со пратениците, со претставниците на локалните самоуправи, а беше организирана и визионерска работилница со претставници на младите.
Потенцираат дека Владата на Северна Македонија и Министерството за образование и наука остануваат посветени на градење национален образовен систем кој учи на знаења и вештини
неопходни во 21 век и создава училишта кои се инклузивна, безбедна и правична средина за децата и младите.