Ученици и наставници во Шуто Оризари учеа за климатските промени и заштита на животната средина


Најмалку 150 ученици Роми од основните и средното училиште во Шуто Оризари учествуваа во работилници за подобрување на нивното здравје, за климатските промени и за заштита на животната средина. Во средното училиште „Шаип Јусуф“ и во основните училишта „Браќа Рамиз и Хамид“ и „26-ти Јули“ се реализираа работилници за подигнување на јавната свест и за подобрување на капацитетите, знаењето и вештините на учениците за поврзаноста на климатските промени, здравата околина за живеење и подобрување на здравјето. Освен учениците, низ процес на обука, поминаа и 60-тина наставници од овие училишта.

На овој начин, објаснува Кристијан Ангелков, менаџер на Здружението на граѓани на „Ромаверзитас“, со проектот „За поздрав и поурбан живот на Ромите“ се зголемува достапноста до податоци и факти за поврзаноста на климатските промени, здравата околина за живеење и подобрување на здравјето и свеста и мобилизираноста на учениците и наставниците за спроведување на практични мерки поврзани со климатските промени, здрава околина за живеење и подобрување на здравјето.

Освен обуките, во рамки на проектот, се реализираше и истражување и се подготви Полиси бриф за урбаното живеење и подобрување на животот. Исто така, лица кои имаат успешна животна приказна за собирање и селектирање отпад организирано ја споделуваа својата успешна сторија со жителите на Ќерамидница, Шуто Оризари (Ул. Брсјачка Буна), Кванташки пазар, Злокуќани, Топанско Поле и Ѓорче Петров. Оваа активност се спроведе со партнерската организација „РЕДИ рицајкл“, односно со лицата кои се ангажирани од нивна страна за собирање отпад за рециклирање.

„Со оваа активност ги информираме маргинизилираните лица и лицата во ризик за можностите за ефектуирање и регулирање на нивните нерегистрирани и нерегулирани работни активности, односно отворање зелени работни места, зголемување на свеста и значењето од нивниот ангажман и придонес кон општеството, свесноста за заштита на животната средина, зголемување на нискојаглеродните економии и зелената трансформација и зголемување на капацитетите, знаењето и вештините на овие лица“, вели Ангелков.

Една од активностите во проектот е изготвување детална анализа на училиште за поголема застапеност на обновливи извори на енергија, преку скенирање и анализа на потрошувачката на електрична енергија на училиштето, анализа за можноста за поставување фотонапонска електроцентрала поставена на објект (кров) за задоволување на сопствените потреби.

Филип Лаовски, експерт за анализа на училишта за енергетска ефикасност, објаснува дека целта на анализата била да се провери можноста за искористување на обновливите извори на енергија во рамки на училиштето, односно да се провери можноста за поставување на PV на кровната површина на училиштето и да се провери исплатливоста на инвестицијата.

„Од направената симулација се предвидува дека 50% од произведената електрична енергија во рамки на годината се користат директно во училиштето, со што се остваруваат директни заштеди на електрична енергија, додека останатите 50% од произведената електрична енергија се предаваат во мрежа на снабдувачот. На овој начин севкупните заштеди на електрична енергија доведуваат до речиси 80% намалување на трошоците за електрична енергија на училиштето. Освен заштедата на енергија и економските придобивки, со поставување на фотонапонски систем на кровот на училиштето имаме и еколошки придобивки, односно заштита на животната средина преку искористување на зелена енергија и намалување на CO2 емисија во воздухот“, вели Лаовски.

 

За информирање на пошироката ромска заедница, во рамки на овој проект, се издава и онлајн весник „Еко Рома Индекс“, каде содржини подготвуваат студенти и успешни Роми. „Еко Рома Индекс е онлине весник кои има цел да информира, едуцира и промовира силно и живо граѓанско општество што ќе има значајна улога во процесот на декарбонизација, трансформација и обнова на општеството, што би резултирало со чиста животна средина, зелени економии и здрави граѓани во Македонија. Исто така, има за цел да создаде поединци кои активно ќе се вклучат во процесите на креирање и донесување одлуки на јавните политики на локално и национално ниво, за зајакнување на нивното критичко размислување и давање предлози за начини за позитивни промени во општеството“.

Сабина Мустафа, една од новинарите во онлајн весникот наведува дека целта е „да оставиме интелектуално наследство и да иницираме дигитална писменост за сите вклучени на интернет да можат да бидат во предност добивајќи сублимирани, релевантни и вистинити факти, непристрасни и објективни информации за актуелни теми кои се случуваат сега, а не се опфатени во медиумскиот простор. Со оглед на тоа дека маргилизираните групи се подложни на дискриминација, стереотипи, говор на омраза и исклученост на медиумите, најдобар начин за справување со овие појави е да се овозможи вистинита информација. Така процесите кои ги засегаат нив и секојдневниот живот преку подигнување на медиумската писменост целта е да се иницира нивно активно вклучување како и да се промовираат авторитетите кои можат да им помогнат. Човекот што не чита нема никаква предност пред оној кој што не знае да чита. Затоа нашата цел е да ги мотивираме сите чинители на општеството да не прочитаат, со цел секој од нив да добие најмалку вистинска слика за одредени теми“, објаснува Мустафа.