Убиен е командантот на Црноморската флота, тврди Киев

Виктор Соколов загинал во ракетниот удар врз штабот на флотата во Севастопол во петокот


Виктор Соколов

 

Според информациите од Киев, во украинскиот напад врз седиштето на руската Црноморска флота минатиот петок загинал и шефот на флотата Виктор Соколов. „Во ударот во седиштето на руската Црноморска флота, загинаа 34 офицери, меѓу кои и командантот на Црноморската флота на Русија“, соопшти на Телеграм прес-службата на специјалните сили на украинската војска. Сѐ уште нема потврда од руската страна за смртта на адмиралот.

Во петокот, украинската војска го погоди полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија, со комбиниран напад со беспилотни летала и крстосувачки ракети. Видео снимките покажуваат дека седиштето на руската Црноморска флота во пристанишниот град Севастопол е неколку пати погодено и тешко оштетено. По нападот, сепак, Москва соопшти дека само едно лице се води како исчезнато.

Виктор Соколов беше назначен за командант на Црноморската флота во септември 2022 година. Според извештаите на медиумите, неговиот претходник бил сменет од функцијата по потонувањето на крстосувачот „Москва“, предводник на руската Црноморска флота, неколку месеци по почетокот на војната во Украина.