Уапсени двајца битолчани во Грција кои сакале на див премин да пренесат патник со забрана за влез во ЕУ
Грчки локални медиуми јавуваат дека двајца странци на возраст од 42 и 46 години, вчера напладне, се уапсени од страна на полициски службеници на Одделот за безбедност во Лерин поради нелегален превоз на друг странец на див премин на границата Македонија – Грција.
Од наши извори дознавме дека станува збор за двајца битолчани, од кои едниот бил од Битола, а другиот со место на живеење во село Егри, битолско. Неофицијално, двајцата битолчани превезувале девојка, која имала забрана да патува во земјите на Европската унија.
Порталот „Нова Флорина“ пишува: „Во контекст на насочени полициски проверки за идентификување на лица кои се активни во илегалната трговија со странци, горенаведената полиција откри, на подрачјето на Лерин, И.Х.Е. автомобил со 46-годишен возач и 42-годишен совозач и во проверка која била извршена било констатирано дека нелегално превезувале 23-годишен странец, кој претходно илегално влегол во државата, за паричен надомест“, пишува грчкиот медиум.
Според објавата „одземени се автомобилот што се користи за превоз, три мобилни телефони и сума од педесет евра.“
Прелиминарна истрага за случајот е поведена од страна на Одделението за безбедност Лерин, а уапсените со кривичната пријава против нив се спроведени кај обвинител во Лерин. (А.Б.)