Уапсена Федерика Могерини во полициска рација во Брисел во истрага за измама
Освен Могерини уапсен е и високиот дипломат Стефано Санино. Тие се истражуваат за измама со европски пари за дипломатска акдемија
Белгиската полиција денеска ја уапси ректорката на Колеџ Европа и поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини, како дел од голема истрага за наводна измама со европски пари поврзана со програмата „Европска дипломатска академија“.
Покрај Могерини приведен е и високиот дипломат Стефано Санино. Санино, поранешен италијански дипломат, беше врвен државен службеник во ЕЕАС, а моментално е генерален директор за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот во ЕЕАС.
Могерини била приведена во Брисел, а истрагата ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), со поддршка на европската антикорупциска канцеларија ОЛАФ. Истовремено биле извршени претреси во седиштето на Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС) во Брисел и во повеќе објекти на Колеџ Европа во Бриж. Според белгиските медиуми и европските портали, во акцијата се уапсени вкупно три лица, меѓу кои и ректорката на колеџот.
Во фокусот на истрагата е тендерот од 2021–2022 година, преку кој ЕЕАС на Колеџ Европа му ја додели деветмесечната програма за обука на млади европски дипломати – т.н. Европска дипломатска академија. Обвинителите имаат сомнежи дека колеџот или негови претставници добиле доверливи информации за тендерот пред официјалното објавување, со што била нарушена фер конкуренцијата и европските правила за јавни набавки.
Спорните дејствија, според наводите, се однесуваат на можни кривични дела измама при доделување јавни набавки, корупција, судир на интереси и повреда на професионална тајна. Посебно се проверува и купувањето зграда во улицата „Spanjaardstraat“ во Бриж, во вредност од околу 3,2 милиони евра, каде се сместени учесниците во академијата. Истражителите сакаат да утврдат дали инвестицијата и тендерот биле дел од ист „пакет“ и дали Колеџ Европа имал предност која другите кандидати не ја знаеле.
Федерика Могерини е ректорка на Колеџ Европа од 2020 година и годинава започна втор петгодишен мандат. Таа воедно е и директорка на Европската дипломатска академија од нејзиното отворање во 2022 година, а од 2014 до 2019 година беше висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и шеф на ЕЕАС. Токму таа „ротациона врата“ – од политички врв на ЕУ до раководна позиција во институција што добива европски тендер – дополнително ја засилува политичката тежина на случајот.
Истрагата доаѓа само неколку часа по веста за полициската рација во ЕЕАС и Колеџ Европа, која веќе беше оценета како нов голем корупциски скандал во институциите на Унијата. EППO и ОЛАФ официјално зборуваат за „широка истрага за можни злоупотреби на ЕУ-фондови“, а белгиското обвинителство потврдува дека на повеќе лица им бил укинат имунитет за воопшто да може да се спроведат претресите и апсењата.
Од ЕЕАС и Колеџ Европа засега одбиваат коментар, повикувајќи се на тоа дека истрагата е во тек и дека важи претпоставката на невиност. Могерини сè уште јавно не се има огласено по апсењето. Исходот од постапката ќе биде тест не само за нејзината лична одговорност, туку и за кредибилитетот на новите антикорупциски механизми на ЕУ и за угледот на Колеџ Европа, кој со децении се смета за „елитно училиште“ за идните европски дипломати и функционери.