Уапсен е поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини
Денеска е уапсен поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини Тој се сомничи за проневера на 700.000 евра, пари од УЕФА доделени на ФФМ за поддршка и изградба на трибина во Охрид.
Акцијата ја спроведува МВР во соработка со Обвинителство.
Од МВР велат дека е спроведена акција заедно со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција во координација со ОЈО Скопје го лишија од слобода М.С. поради сомнение за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба, велат од МВР.
Со првична информација излегоа и од Обвинителството.
-Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинитеел, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек, велат од обвинителството.
Муамед Сејдини беше на чело на ФФМ во два мандати, од 2019 до 2025 година.
Сејдини неодамна беше суспендиран на две години поради „измама и доведување во заблуда на Управниот одбор“.
„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ во ноември 2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ‘Енергоинвест Трејд ДОО Скопје’, за изградба на трибина на стадионот ‘Билјанини Извори’ во Охрид, во износ од 202.919.610,00 денари без ДДВ, без услов за авансно плаќање и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда. Истата одлука подоцна е потврдена и од Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија. И покрај тоа, по само една недела, Муамед Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20-отсто, кој не бил дел од прифатената понуда, при што авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување“, соопштија неодамна од ФФМ.