Уапсен демонстрантот со рогови од САД


Џејк Ангели, односно Џејкоб Ентони Чесли, демонстрантот кој предизвика големо внимание со својот изглед, а со големите рогови и покриен со крзна, вo средата упадна во американскиот Конгрес, денеска е уапсен, пренесуваат американските медиуми.

Ангели доаѓа од Феникс, Аризона, и се наоѓаше на листата на полицијата на осомничени лица за упадот.

Тој се наоѓа во притвор, а се сомничи за свесно влегување и упад без законско овластување и за насилно однесување во американскиот Капитол. Пред федералниот суд во Феникс треба да се појави следната недела.

Ангели упадна во објектот гол до половината, а носеше наметка од крзно и рогови, што го направи еден од најфотографираните демонстранти. На лицето му беше исцртано американското знаме.

Тој признал дека е човекот од фотографиите во медиумите, а американската полиција соопшти дека изјавил оти „патувал со други патриоти од Аризона, поради повиците на Трамп сите патриоти да дојдат во Вашингтон на 6 јануари 2021“. Ангели одбил да каже што работи.

Ангели е еден од тројцата демонстранти кои се уапсени денеска, а во врска со насилните настани во Капитол за поддршка на претседателот во заминување Доналд Трамп.