Артан Груби уапсен на граничниот премин „Блаце“ и веќе е во притвор

Груби е осомничен за проневера во Државна лотарија, каде заедно со Перпарим Бајрами се осомничени за криминал од осум милиони евра


 

Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Артан Груби утрово е приведен на граничниот премин „Блаце“. Веднаш потоа е однесен во Истражниот затвор во Шуто Оризари во притвор. Се дознава дека Груби отишол во затворот без адвокат. За Груби има правосилно решение за притвор од 30 дена.

„Денеска (23.02.2026) во 06,10 часот на Граничниот премин ‘Блаце’, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во некои медиуми веќе се појави видео од апсењето на Артан Груби при влез во земјава од Косово. На видеото се гледа како Груби, со качулка и очила за сонце, лежерно и со насмевка им ги подава рацете на полицајците кои му ставаат лисици, а потоа се покрива со црн шал. Според она што може да се види на снимката, Груби свесно им се предава на истражните органи. Како Груби да го најавил своето доаѓање во земјава. 

Артан Груби во моментот на апсењето

За целата оваа година немаше информации каде се крие Груби откако ја премина границата на истиов овој премин „Блаце“. Се зборуваше дека е во Албанија, а потоа имаше непроверени информации дека би виден во Косово. Според тоа каде беше уапсен, т.е. им се предаде на надлежните органи во Македонија, веројатно тој едногодишното бегство го поминал во една од овие две држави.

Груби е осомничен за проневера во Државна лотарија, каде заедно со Перпарим Бајрами се осомничени за криминал од осум милиони евра преку нарачка на ВЛТ апарати.