Твитер ја блокираше видео посветата на Трамп за Флојд


Твитер ја оневозможи видеопосветата за Џорџ Флојд што во склоп на кампања ја објави американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи дека се проблематични авторските права.

Во заднината на видеото, кое претставува мешавина од фотографии и снимки од протестни маршеви и случаи на насилство по смртта на Флојд, е наснимен гласот на Трамп.

Смртта на Флојд минатата недела по фаталната средба со полицаец предизвика протести низ целата земја. На снимката што кружи по интернет бел полицаец клечи врз вратот на Флојд додека овој се бори за воздух и се жали „Не можам да дишам“, пред да се онесвести.

Твитер рече дека видеото на профилот на кампањата на претседателот е заштитено со авторски права.

„Одговоривме на валидни поплаки за авторски права испратени до нас од сопственикот на тие права или неговиот овластен претставник“, рече претставник на Твитер.

Видеото од 3 минути и 45 секунди, објавено на профилот на Твитер на Трамп на 3 јуни за целите на неговата кампања, сè уште е на Јутјуб, каде што собра повеќе од 60.000 прегледи и 13.000 лајкови.