Тутунарите со нови здруженија ќе се борат против старите проблеми при откупот на тутунот
Во време кога уште се дебатира кога ќе заврши откупот на тутунот, а се бара продолжување на законскиот рок за откуп, во една од најпроблематичните и најтешки откупни сезони, се навестува формирање барем на пет – шест нови тутунски здруженија кои, како што се нагласува, ќе ги решаваат проблемите на тутунарите кои годинава ескалираа.
Како ќе се решаваат и дали новите здруженија се рецептот околу 30.000 тутунарски семејства во земјава од грбот да ги симнат главните проблеми: производството и пласманот на тутунот?
Годинашнава тешка откупна сезона на која не ѝ се гледа крајот донесе протести, незадовоства од ниската откупна цена, која главно не мрдна од 166 денари за килограм. И кога се стесни времето за откуп, сега тутунарите се откажаа од ниската цена и главно се насочија да може да го предадат родот.
Иницијативниот одбор на тутунарите што ги водеше протестите се разијде во убедувањата како да се стигне до решавањето на тутунарските маки. Но, сите најавија и објавија формирање здруженија.
Дел од Иницијативниот одбор го најави новото здружение, под името „Тутунска надеж“. Николче Станкоски, член на новото здружение, вели дека ја имаат поддршката од голем број тутунари за да бидат застапувани за решавање на нивните проблеми, особено големи при оваа откупна сезона.
– Од контактите со тутунарите се создаде потреба од регистрирање ново тутунско здружение. Самиот назив „Тутунска надеж“ укажува на тоа дека се создава нова надеж, за колку-толку ублажување на катастрофалниот откуп на тутунот. Се нуди секаков вид помош и поддршка за тутунарите. Ситуацијата на теренот е тешка и се проценува класа, две подолу. Другиот тутун не се прифаќа. Имаме поддршка од илјадници тутунари од повеќе региони во земјава. Апелираме до Инспекторатот и Министерството за земјоделство да бидат повеќе на терен и да спречат секаква неправда, а ние имаме предлози за измена на правилникот за класифицирање на родот, а од друга страна, барем за годинава, бараме двојно повисоки субвенции, смета Станкоски.
И членот на Иницијативниот одбор на тутунарите, Игор Мирчески, е дециден за формирање здруженија на тутунарите. И сојуз ако ги добијат поддршката и довербата на производителите.
– Ние ќе одиме правно. Каде што ќе бидеме поканувани, ќе ги бараме правата на тутунопроизводителите. Ќе формираме 4-5 здруженија, секаде каде имаме членови на Иницијативниот одбор. Ако треба ќе формираме и сојуз. Ќе конкурираме, како што е постојниот Сојуз на земјоделските здруженија, за да ја добиеме довербата на тутунопроизводителите. Треба да се соберат 9 800 пристапници и ние ќе ја побараме довербата. Ако ни ја дадат, ние ќе ги застапуваме тутунарите, вели Мирчески.
Мирчески го допира прашањето за одвоените пари за исплатата на поверениците, на контролорите и на трошоците на Сојузот на земјоделските здруженија. Смета дека е неопходно да се прашаат тутунарите дали сакаат да се одвојуваат тие пари.
– Ќе побараме да не им се плаќаат пари на здруженијата на Сојузот. Ќе најдеме модалитет: ако е задоволен кооперантот, да одат тие пари на сметка на Сојузот. Ако не, да не одат парите. Не е работата некој да располага со 400.000 евра, а државава да не им помогне на тутунопроизводителите. Такви пари повеќе не треба да се слеваат, вели Мирчески.
За Сојузот на земјоделските здруженија, кој сега е актуелен овластен преставник на тутунарите во земјава со преку 20 здруженија, не е проблемот за формирањето нови здруженија и дали ќе станат овластени претставници на тутунарите, туку колку конкретно, со готови предлози, ќе се залагаат за решавање на тутунарските маки.
– Не сметам дека станува збор за конкуренција, зашто, ние, како Сојуз, овластени за оваа година да ги штитиме интересите на тутунарите, ќе останеме докрај со тутунарите. Ќе бараме измена во Правилникот за тутун, измена во Законот за тутун. Како Сојуз, немаме против некој да формира здружение, зашто Законот дозволува секој да формира здружение, во септември да си достави документација според Законот и да си аплицира за највисока асоцијација. Не е ниту најмалку спорно други здруженија да си аплицираат и да си добијат овластувања. Која било асоцијација што ќе добие право да ги штити интересите на тутунарите, не знам во која смисла може да се помогне, доколку не се изменат Правилникот и Законот. Многу битна работа е да се сменат тој Правилник и Законот, да се направат правила на „игра“. Значи, договорите за новата сезона нема да се прават додека тоа не се случи. Потоа, треба и тутунарите и компаниите да се однесуваат според Правилникот и според Законот. Единствена заштита на тутунарите се измените на Правилникот и на Законот за тутун. Ако се изменат во корист на тутунарите, сметам дека нема да има никаков проблем за ниту еден тутунопроизводител во наредниот откуп. Зашто ќе се знае – колку договори и со колку килограми, кога ќе биде преземен тутунот, колку може повеќе тутун да се произведе, ако годината е породна, да се вметне во договорите она што беше претходно: плус-минус 10 отсто, зашто некаде го има, некаде го нема и некои недостатоци што беа во овој откуп, треба да се прецизираат и да се променат. Така, в година, без разлика која асоцијација ќе ги штити интересите на тутунарите да има закон и правилник, според кои ќе бидат заштитени тутунопроизводителите, објаснува Менде Стомнароски, претседател на Сојузот.
Што се однесува до прашањето за парите на име на Сојузот за исплата на поверениците, контролорите и трошоците, а зависат секоја година од висината на цената на тутунот зашто се одвојуваат 0,35 отсто, од Сојузот сметаат дека сето е во ред и да се укинат, ако се смени Законот и да нема повереници кои треба да се плаќаат.
Тие средства што им се запираат на тутунарите и се префрлаат на име на асоцијацијата се пари за исплата на поверениците, на контролорите и за тековните потреби што ги има Сојузот. Пресметани се во Министерството за земјоделство. Која и да е асоцијација, исто ќе се одвојуваат пари за трошоците. Доколку некој побара да не се задржуваат парите и доколку се измени Законот за да нема повереници, тоа е друго прашање. Доколку прифатат во Министерството, така ќе биде. Инаку, станува збор за задршка на 0,35 отсто од цената за предаден килограм тутун или појасно, од сите пари остварени од откупот, се одвојуваат 0,35 отсто за тие трошоци. Пример, годинава просечната цена е околу 166 денари и се знае реколтата, се собираат речиси двојно помалку пари од лани кога имаше рекордна цена на тутунот. Сега може да се смета на околу 200.000 евра за тие трошоци. Тоа може да се смени со законски измени преку Министерството за земјоделство, објаснува Стомнароски.
Повеќе или едно здружение, нов сојуз, сето треба да донесе решавање на тутунарските маки. Ако тоа се постигне, аир ќе видат тутунарите. Досега никој не успеа да се договори со откупувачите за поволни услови и исполнување на барањата на производителите пред склучувањето договори за новата сезона. Сето се решаваше „ад-хок“, среде откупна кампања и при бројни незадоволства. Тутунарите се тие што ќе му ја дадат довербата на оној што реално ќе ги застапува и ќе ги исполни нивните барања и очекувања. Барем да се избори за најповолна ситуација.
А сѐ уште не му се знае крајот на откупот на тутунот од ланската реколта.