Туск ни симна капа – на ред се лидерите на ЕУ


Фото: Б. Грданоски

Полна уста пофални зборови за остварувањата на земјава на патот кон ЕУ имаше претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, при вчерашната негова последна посета на Скопје на таа функција.

Од најдобрата можна адреса, како што самиот кажа, ги повика лидерите на ЕУ да ја завршат својата работа „затоа што Северна Македонија направи сè што се очекуваше од неа за да можат да отпочнат преговорите за пристап во ЕУ“.

Туск, кој се сретна со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, порача дека земјата на демократски начин се справила со политичката криза од изминатиот период. Тој нè нарече и шампиони на политичката зрелост во регионот.

„Напорите на земјата беа извонредни во последните години. Заедно ја издржавме една од најтешките миграциски кризи. Северна Македонија го помина овој тест подобро од многу членки на ЕУ. Најдовте решение на драматичните политички кризи во вашата земја. Преку договорите со Бугарија и Грција вие станавте шампиони на политичката зрелост во регионот. Тоа е импресивно и меѓународно признаено постигнување што не треба да биде занемарено од лидерите на ЕУ“, рече Туск нагласувајќи дека лидерите од Унијата се обврзале во октомври јасно да се произнесат за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Процесот за пристап кон ЕУ за него повеќе е маратон отколку спринт на 100 метри. Како посветен тркач рече дека знае што зборува.

„За да стигнете до финишот, потребни се сила, издржливост и фокус. Понекогаш јас исто така ќе кажам, и трпение“, рече Туск.

Како една од причините за неговата посета на Скопје ја наведе намерата да стане кристално јасно оти во Брисел нема сомнеж за политичката посветеност на владеење на правото и борбата со корупцијата.

„Секако, секој може во секое време и секаде да направи повеќе, особено кога станува збор за имплементацијата. Но ние многу добро знаеме дека вашата влада е одлучна и конзистентна во ова, како и за продолжувањето на работата на СЈО“, рече Туск.

Премиерот Заев сè повеќе е убеден оти земјата е подготвена да ги совлада сите предизвици кои ги носат пристапните преговори и очекува дека ЕУ ќе донесе одлука за отворање на преговорите во октомври без натамошно одложување. Според него, очигледен е постигнатиот напредок во реформите, во односите со соседите, како и во целокупната демократската трансформација на земјата.

„Обврските за спроведување на понатамошните резултати продолжуваат, особено во областа на владеење на правото, во решавањето на предизвиците со кои се соочуваме, целосно сме ангажирани во согласност со европските вредности и стандарди. Во тие рамки ја гледаме и дебатата за законот за јавно обвинителство. Случајот ‘Рекет’ е силен тест за судството и успех на реформите. Институционалното решавање на овој и на сите случаи ќе ја докаже независноста на правосудниот систем и јасната политичка волја за борбата против корупцијата. Тоа е европскиот начин. Тоа е начинот на правната држава и на владеење на правото“, рече Заев нагласувајќи дека нема никакво сомневање оти со започнување на пристапните преговори се влегува во длабинско, долго и трансформациско патување до целта – членство во ЕУ.

Туск се сретна и со шефот на државата Пендаровски, кој, како што информираат од неговиот кабинет, истакнал дека Северна Македонија во изминатите две години донела тешки одлуки за многу чувствителни прашања, вклучувајќи ја преспанската спогодба со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, и дека спровела суштински и темелни реформи во многу клучни области, со што ја потврдила својата посветеност на евроинтегративниот процес.

На средбата, Пендаровски изразил очекување дека Европскиот совет во октомври ќе ги валоризира напорите на државата и ќе ја верификува десеттата препорака на Европската комисија преку одредување на датум за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија.

„Почетокот на пристапните преговори ќе биде силен импулс за натамошно реализирање на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во унијата, што ќе придонесе за севкупната стабилност и просперитет на државата и на регионот“, рекол Пендаровски.

Уште неполн месец останува до финалната одлука на Советот за општи работи на Европската Унија кој на 15 октомври во Луксембург ќе решава дали да одобри почеток на преговори за членство со Северна Македонија. Работите се очекува да бидат појасни нешто порано со одлуката на германскиот Бундестаг кој точката за почеток на преговорите за Македонија и Албанија ќе ја разгледува на 26 септември.

И процесот на донесување одлука во Париз е во конечна фаза, но сè уште нема конечна одлука. Паралелно се очекува и холандскиот парламент повторно да дискутира за Македонија и за Албанија пред октомврискиот самит на ЕУ. Континуитетот на Специјалното обвинителство е едно од најважните прашања за Холандија, па останува да се види дали тие ќе бидат задоволни со изнуденото решение за трансфер на предметите во државното јавно обвинителство поради неуспехот на политичките преговори за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и статусот на СЈО.

Иако дилемите пред октомври се речиси исти како и пред јуни, сепак, сите сигнали кажуваат дека Советот, сепак, ќе донесе одлука за почеток на преговорите, а официјалниот старт односно првата меѓувладина конференција со Македонија би се одржала наредната година за време на претседателствувањето на Хрватска. (Н.К.)