Турски новинарски и писателски здруженија бараат ослободување на приведените новинари


Анкара – Турски новинарски здруженија и синдикати повикаа на итно ослободување на новинарите уапсени за време на протестите во Истанбул, јавува опозициското издание „Биргјун“.

Повикот е упатен на заедничка прес-конференција организирана од професионални здруженија на новинари, издавачи и писатели, меѓу кои: Здружението на новинарите на Турција (TGC), Синдикатот на новинарите на Турција (TGS), Синдикатот на издавачите на Турција, Синдикатот на писателите на Турција и Асоцијацијата на писателите ПЕН.

Настанот е организиран под мотото „Престанете да ги заплашувате новинарите и медиумите“. Учесниците остро се спротивставија на апсењата, куќните притвори и судските наредби за приведување на новинари, писатели и издавачи, како и на насилството врз медиумските работници и ограничувањето на интернет пристапот.

Според новинарските синдикати, вкупно 10 новинари од различни локални и меѓународни медиуми, меѓу кои и дописник на „Франс прес“, биле приведени во текот на вчерашниот ден.

Порталот „Економим“ јави дека шестмина од нив, вклучувајќи го и новинарот на „Франс прес“ Јасин Акгул, биле пуштени на слобода под судска контрола. Меѓутоа, подоцна синдикатот соопшти дека обвинителот го променил своето мислење и побарал нивно враќање во притвор.
„Нашите колеги се новинари. Нивната работа е да ја информираат јавноста. Тие не требаше ниту да бидат приведени, а камоли да бидат изведени пред суд“, се наведува во соопштението на новинарскиот синдикат.