Туристичката комора задоволна од мерките на владата, но ќе почека да ги види условите за користење
Туристичките работници ќе ги почекаат условите под кои ќе се доделуваат субвенциите и кредитите за секторот туризам пред да дадат конечна оцена за мерките од четвртиот пакет што ги објави владата. Ова денес во Штип го изјави претседателот на Стопанската комора за туризам, Емил Димитровски, пред седницата на Управниот одбор на комората на која се разгледуваа владините мерки за поддршка на стопанството и граѓаните.
Тој рече дека Стопанската комора за туризам активно учествувала во Координативното тело во Министерството за економија и дека околу 90 отсто од мерките биле предложени од комората, а околу 70 отсто од нив биле прифатени од Владата.
„Тоа што се усвоени е одлично, но сакаме да ги видиме и условите за користење на мерките бидејќи доколку тие услови не бидат во функција на стопанството сметам дека целата работа ќе биде фрлена во вода“, рече тој.
Тој појасни дека не биле прифатени сите нивни предлози како за намалување на даноците за инкаминг агенциите, за што нивниот предлог бил нула проценти, се со цел за развој на туризмот во Македонија и изедначување со земјите од регионот.
Димитровски рече дека околу 30 илјади лица се директни учесници во секторот туризам, а уште 40 илјади индиректно. Со предвидената поддршка во четвртиот пакет и доколку условите се такви што ќе овозможат нивно користење, Димитровски вели дека секторот туризам би можел да опстане до јануари.
„Доколку условите се коректни, сметам дека помошта за туристичката индустрија е голема и до јануари ќе може да опстанеме за да можеме да се преструктуираме. Доколку условите се лоши, односно доколку се дадени се со цел да не се добијат субвенции и кредити, во тој случај, мислам дека многу субјекти нема да ги користат овие мерки“, рече Димитровски.