„Турфлација“? Како турнеите на Тејлор Свифт, Бијонсе и Брус Спрингстин може да ја зголемат инфлацијата

Каква врска имаат концертите и економијата? Потенцијално многу, според некои економисти


Бидејќи инфлацијата останува висока во многу земји низ светот, економистите размислуваат за изненадувачки потенцијален придонесувач: музичките концерти.

Бијонсе моментално е на својата прва соло турнеја од 2016 година, „Ренесанс“, а Тејлор Свифт ги полни стадионите со нејзината турнеја „Ерас“ што предизвика бес за моќта на Тикетмастер и Лајв нејшн во врска со продажбата на билети за настани во живо.

На други места, Брус Спрингстин, Елтон Џон, Хари Стајлс и Ед Ширан ги преземаат стадионите, а милиони се собираат да ги видат ѕвездите – дури и ако цената за билетите, патувањето и сместувањето е висока.

Во меѓувреме, инфлацијата останува тврдоглаво висока во многу развиени економии и покрај зголемувањето на каматните стапки дизајнирани да ги намалат цените. Најновите бројки за Обединетото Кралство се над очекувањата од 8,7% на годишна основа, додека индексот на потрошувачки цени во САД за мај се зголеми за 4% во однос на претходната година.

Но, каква врска имаат концертите и економијата? Потенцијално многу, според некои економисти.

Од цените на билетите до хотелите

Од Натали Мерчант до The Who, Клаус Бадер, глобалниот главен економист во Сосиете Женерал, има билети за гледање на различни изведувачи оваа година.

„Една од работите што секако ме погоди е колку станаа енормно високи билетите за концертите, за свирките“, изјави тој за „Си-Ен-Би-Си“ (CNBC Make It). И тоа не завршува со цената на билетот.

„Сите цени околу него, исто така, експлодираа… Не е само тоа што билетите поскапеа. Исто така, вашето пиво или сок од јаболка или вашата кока-кола или вашиот хот-дог на местото исто така поскапеа многу“, објасни тој.

Потенцијалните трошоци за патување и сместување се исто така високи – феномен забележан од Филип Андерсон, шеф на истражување за Шведска во Данске банк.

Влијанието на првата турнеја на Бијонсе во Стокхолм, Шведска, врз индексот на потрошувачки цени на земјата е „очигледно“, рече тој – особено кога станува збор за сместувањето.

„Во шведските податоци за инфлацијата во мај, цените на хотелите се зголемија повеќе од она што е вообичаено за мај“, изјави тој. „Хотелите во регионот на Стокхолм, наводно, биле целосно резервирани неколку недели околу настанот и цените на тој начин вртоглаво пораснале“.

Бидејќи речиси една третина од хотелските соби во Шведска се во областа Стокхолм, порастот на цените имаше национално влијание и покрај тоа што беше поврзан со локален настан, вели Андерсон. Ова покажува дека не само што трошоците за присуство на концерти се повисоки поради инфлацијата – тие исто така можат да придонесат за тоа.

Меѓутоа, не сите економисти се толку убедени.

„Би бил малку изненаден ако има видливо влијание од одреден концерт врз бројките на инфлацијата, но тоа не е невозможно“, изјави Филип Шо, главен економист во „Инвестек“ (Investec), за „Си-Ен-Би-Си мејк ит“.

„Се сомневам дека поскапувањето на цените на концертите има влијание врз вкупната инфлација. Тоа не мора да се должи на еден конкретен уметник“, рече тој, додавајќи дека, сепак, се чини дека и самите цени на концертите се зголемени.

Основните економски фактори

Според економистите, постои низа основни фактори зад ваквиот пораст на цената на билетите; некои се однесуваат на пошироките економски обрасци, а други се однесуваат на концертната култура во постпандемискиот свет.

„Луѓето не биле на концерт долго време и уметникот не бил на турнеја долго време, така што тие одат на навистина, навистина големи турнеи и во однос на големината на секоја поединечна свирка и исто така во однос на нивната широчина, нивниот досег и нивното времетраење“, објаснува Бадер од Сосиет Женерал.
Тој, исто така, укажа на промените околу тоа како музичарите остваруваат профит, точка што ја повтори и Шо.

„Моделите на уметниците се променија од продажбата на ЦД-а и винил и правењето пари на тој начин за поголем дел од нивните приходи кои доаѓаат од концертите“, рече Шо.

Пошироки економски промени, исто така, би можеле да бидат во игра, особено во земјите кои имаа строги ограничувања за време на пандемијата.

Луѓето „умираат за ваков вид на потрошувачка“, рече Баадер, а поради зголемените количини на заштеди на домаќинствата останати од пандемијата, луѓето можат да си ги дозволат повисоките цени.

Трајно влијание?

Сепак, иако инфлацијата се намалува, цените на билетите за концертите се очекува да останат високи, според Баадер.

Од страната на потрошувачите, ова се однесува на силите на понудата и побарувачката и затоа што многу луѓе имаат повеќе расположлив приход, објасни тој. На страната на уметниците, потпирањето на турнеите за да се донесе приход е во равенката.

„Мислам дека ќе има голема отпорност во цените на музичките и другите културни настани“, истакна Баадер.

Но, концертите влијаат врз инфлацијата, веројатно тоа ќе биде кратко. Во случајот на Шведска, Андерсон од Данске банк верува дека нормализација на нивоата на инфлација ќе се случи набрзо. „Ако ова навистина беше „ефект на Бијонсе“, би било природно овој ефект да биде привремен и да се изправи во јуни. Не очекуваме тоа да има некакви долгорочни ефекти“, рече тој.

Можеби ќе биде краткотрајно, но влијанието на концертите врз инфлацијата може да се повторува, на пример со Тејлор Свифт која доаѓа во Шведска следната година.

„Прерано е да се каже, но од она што го прочитав, Тејлор Свифт може да има забележително економско влијание врз градовите што ги посетила. Значи, тоа е можно, но не е нешто што го вклучивме во нашата прогноза за инфлацијата во овој момент“, додаде Андерсон. (Си-Ен-Би-Си)