Турција подготвува санкции како одговор на мерките од САД
Министерството за надворешни работи на Турција подготвува санкции против Соединетите Американски Држави како одговор на санкциите наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп врз Анкара поради нејзината офанзива во североисточна Сирија, изјави денеска портпаролот на турското претседателство Ибрахим Калин.
По состанокот на Владата во Анкара, Калин рече дека на американските власти јасно им е кажано дека Турција нема да прогласи прекин на огнот во северна Сирија и дека нема да преговара со курдските борци.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот ги зголеми даноците на увозот на челик од Турција за 50 проценти и се закани со построги санкции поради офанзивата на земјата во Сирија, додека претставниците на Конгресот најавија воведување санкции спрема Анкара.
Трамп рече дека наскоро ќе воведе санкции за сегашните и поранешните владини претставници на Турција поради нивното вклучување во операциите во северна Сирија.
Покрај тоа, прекинати се и преговорите за договорот вреден 100 милијарди долари со Турција.