Турција ја одобри екстрaдицијата на Љупчо Палевски
Палевски е првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој е во притвор во Турција од почетокот на декември лани
Министерството за правда денеска добило изветување од турските власти дека е одобрена екстрадицијата на Љупчо Палевски – Палчо.
Палевски е во екстрацидионен притвор во Турција. Тој е осомничен за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.
Министерот за правда Кренар Лога потврди дека е дозволена екстрадиција на Палевски.На Фејсбук статус Лога напиша:
„Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда“.
Штом ќе биде екстрадиран, Палевски во земјава ќе биде пречекан со судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен во истражниот затвор во ,,Шутка”. Таму веќе се наоѓаат тројцата осомничени соизвршители во грабнувањата и свирепите убиства.