Тројца од напаѓачите се убиени, соопшти косовската полиција


 

Тројца напаѓачи се убиени во размена на оган во селото Бањска на севереот од Косово, каде тензиите не стивнуваат од доцна синоќа, потврди косовската полиција. Еден од нив е уапсен, додека во исто време се уапсени уште четири лица кои се поврзани со „криминалната група“.

„Во атарот на селото Бањска безбедносната состојба и понатаму е тензична, а нападите со огнено оружје врз полициските единици продолжуваат со ист интензитет, во зависност од движењето на криминалните групи“, објави косовската полиција во третото соопштение по избувнувањето на новите тензии.

Откако претходно објавија дека еден од напаѓачите е убиен, сега доаѓа потврда за нови убиства и апсења.

„Според официјалните информации од теренот, при размена на оган, потврдено е убиството на уште двајца напаѓачи, кои биле маскирани, униформирани и тешко вооружени, а потврдено е и апсење на униформиран и вооружен напаѓач“, соопшти полицијата.

Тие наведуваат и дека еден полицаец се здобил со полесни повреди.

Полицијата наведува и дека во една од станбените згради кои наводно ги користеле овие лица, пронајдена е логистичка опрема, воена опрема, униформи и муниција од различен калибар.

Освен во Бањска, полициски службеници уапсиле уште лица во атарот на селото Рударе.

Како што наведуваат, при рутинска контрола на возилото привеле четворица осомничени кај кои била пронајдена радиоврска.

Без да наведат дополнителни детали, тие ги поврзуваат со „криминални групи“, наведувајќи дека сите понатамошни дејствија против нив ќе бидат преземени во соработка и координација со правосудните органи.

Истовремено, од полицијата велат дека продолжуваат да ги повикуваат „криминалните групи“ да се предадат на правосудните органи, а ги повикуваат граѓаните на соработка со органите на прогонот, во интерес на смирување на ситуацијата и општата безбедност.

Увидот на местото на настанот продолжува во соработка и координација со повеќе институции, меѓу кои и Полицискиот инспекторат на Косово.

Воениот аналитичар Владе Радуловиќ во изјава за Н1 оцени дека „оклопното“ возило што беше употребено во ноќниот напад на единицата на косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово, најверојатно е модифицирано теренско возило ТАМ-110.

„Врз основа на објавените фотографии, ми се чини дека се работи за ‘гаражна’ модификација на возилото ТАМ-110. Не станува збор за каква било единица на МВР или Војската на Србија“, посочи Радуловиќ.

Снимка од лица вооружени со тешко оружје во шест возила без регистарски таблички и едно оклопно возило во маскирни униформи околу и внатре во манастирот Бањска, на прес-конференција прикажа косовскиот премиер Албин Курти, кој во таа прилика повтори сериозни обвинувања кон официјален Белград дека го „финансирал и оркестрирал“ нападот врз косовската полиција.

„Фотографиите покажуваат дека не се работи за вооружени цивили или за ‘шверцерски банди’, туку за професионални воени и полициски сили кои влегле на територијата на Косово.„И внатре во манастирот и надвор од манастирот, покрај надворешниот ѕид, може да се видат оклопни автомобили без регистарски таблички и тешко оружје“, рече Курти.

На обвинувањата на Приштина одговори претседателот на српското собрание Владимир Орлиќ кој изјави дека Курти „прв веднаш побрза да ги обвини Србите“, а попладне се очекува да зборува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.