Триесет и шест деца во секунда
„Младоста помина, соцреализмот заврши, но демоните на некогашната страст останаа, удавени во алкохолот на она што не се случи“ - Георги Господинов, „Физика на тагата“
Седете мирни сега, возиме брзо, може да биде опасно, им реков на децата додека возевме на автопатот Тетово – Скопје. Тато, колку брзо возиме, ме прашува шест-годишната ќерка возбудено. Сто километри на час, ѝ одговарам. Колку деца се тоа во секунда?
Триесет и шест деца во секунда. Со толкава брзина се движел по булевар „Партизански одреди“ Васил Јованов, алијас Васо, во своето „Пежо 207“, ноќта на 29 јануари. Кога се приближил до крстосницата кај „Силбо“, наместо да запре зад автомобилот кој застанал на пешачки, тој го заобиколил од десната страна. Потоа директно удрил во Фросина Кулакова, која во тој момент го преминувала булеварот, и ја усмртил на самото место. Во видеото снимено веднаш по настанот кое се прошири вирално на X, може да се види Васо како се држи за глава и вреска „Што направив?! Што направив бе?!“.
Само два дена подоцна, додека се одржуваше првиот протест за смртта на Фросина, барајќи правда и одговорност, на неколку километри од местото на несреќата, друга жена удри пешак и побегна. Ден потоа, во Битола, уште една сообраќајна несреќа – 89 годишен пешак се здобил со тешки телесни повреди. Секој ден нова трагедија.
Истражување објавено во јануари 2022 година за сообраќајни несреќи со смртни последици покажа дека половина од возачите што убиваат на асфалтот поминуваат речиси неказнето. Од 69 пресуди во периодот 2017-2021 година, дури 35 биле со условни казни. Од останатите 34 пресуди, само три биле со четиригодишна, а две со шестгодишна затворска казна. Другите добиле шест или девет месеци затвор.
Јавно достапната статистика за најчестите причини за сообраќајни несреќи на МВР, покажува дека брзото возење е број еден со години наназад. Доволно е еден ден да се провозите низ скопските улици за да ви стане јасно колку такви залетани идиоти со свесна или несвесна желба за смрт „хараат“ низ градот. Со години наназад јавна тајна се ноќните трки со бесни автомобили на „Илинденска“. И никому ништо.
Некои ја споредуваат смртта на Фросина со убиството на Мартин Нешкоски во 2011 година. Но, иако нема ниту најмала причина на Васил Јованов да му биде простено, факт е дека овие два случаи се различни. Мартин беше брутално претепан на плоштадот „Македонија“ за време на прославата на изборната победа на, сега пребеганиот, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Неговата смрт со денови се прикриваше – МВР воопшто не го спомена во билтенот, а кога започнаа спонтаните протести организирани преку социјалните мрежи, режимските медиуми молчеа.
Има, сепак, нешто бар малку заедничко со случајот на Фросина. Убиецот на Мартин, Игор Спасов, припадник на специјалната единица „Тигри“ како и дел од обезбедувањето на Никола Груевски, беше осуден на 14 години затвор, но дури шест месеци подоцна.
На 5 мај 2015 година, кога тогашната опозиција објави прислушувани разговори поврзани со убиството, илјадници граѓани протестираа пред Владата. Неколку дена подоцна се случи нападот во Диво Насеље во Куманово, каде загинаа осум полицајци, и протестите беа сопрени.
Во 2021 година, Игор Спасов беше уапсен во Софија по пријава за семејно насилство. Претходно, тој ја напушти затворската ќелија во Скопје со изговор дека му било нарушено здравјето и морал да оди на операција. Набргу беше екстрадиран назад на доиздржување на казната, но никој во Македонија не одговараше за неговото бегство.
Слично како што никој не одговара за фактот што Васил Јованов иако лани бил осуден за тешко кривично дело и бил полнолетен, не завршил во затвор туку во казнено поправен дом за малолетници во Тетово.
Повеќе од една деценија подоцна, Росица, сестрата на Фросина и нејзиниот смел јавен настап по малку потсетува на Александар, братот на Мартин. Toj беше во првите редови на сите протести, јавно говореше, бараше правда, бараше промени.
И по толку избори, ветувања за владеење на правото, удирање во гради и тешки популистички говори, листата на оние кои не одговараат за криминалот што го сториле поради нивната блискост со моќните, останува предолга. Без разлика кој е на власт. (Горан Ризаов за Мета)