Три “Писма од Македонија” во Истанбул – Денови на македонската литература во Турција


Со претставување на македонскиот писател Томислав Османли  вчера вечер завршија книжевните вечери “Писма од Македонија” во Истанбул.

Во рамките на трите одлично посетени денови на литературата на Македонија што се оджаа од 25 до 27 октомври во Македонскиот културен центар во Истанбул, Турција на 25 октомври беше претставен писателот Ким Мехмети, наредниот ден нашата поетеса Лејла Шериф Емин, а на 27 октомври и творештвото на Томислав Османли.

Писателот Ким Мехмети кој пишува на албански јазик беше преставен со книгите „Питачите на Скопје“ и „Бунар“ кои се објавени во Турција. Лејла Шериф Емин турска поетеса од Скопје инаку претседателка на Сојузот на турските невладини организации во Македонија и годинашна добитничка на книжевната награда „Мост меѓу националностите“, беше претставена со книгата „Ако не се изгубиш, овој град е сѐ уште твој“. Свое творечко претставување, во рамките на посебна програма, на 26 октомври филмско претставување имаше и етнологот и филмска документаристка Д-р Елизабета Конеска со филмот „Нејзиното семејство 2010-2019“ (2020) комплетно сценаристичко, режисерско и снимателско дело на Конеска, во кое низ персонален наратив на главниот женски лик, авторката ја фокусира јуручката турска заедница од Македонија.

 

Македонскиот писател Томислав Османли пред истанбулската книжевна публика беше претставен пред сѐ со туркиот превод на неговиот роман „Зад аголот“ во издание на истанбулската издавачка куќа „Bibliyon“. Романот на турски јазик го преведе Махмед Јонуз, кој пред присутните опсежно го претстави творештвото на авторот, неговиот роман и разнородно творештво. Дел од романот “Дваесет и првиот” на македонски прочита директорот на културниот центар Рамадан Рамадани, а од книгата “Зад аголот”, на турски читаше Хјулија Хилми.   Романот „Зад аголот“ на Томислав Османли (издание на „Магор“, Скопје, 2012; на турски: „Köşenin Arkasında“) деновиве претставен пред истанбулската публика, беше преведен и објавен и во Србија, а доби суперлативи како од македонската така и од книжевната критика и читатели и во странство. Акад. Ферид Мухиќ романот го оквалификува како „Ултимна романескна синтеза“, српската критичарка Анѓелка Цвијиќ „Патот по кој оди светот – селидби на напатени души“, Д-р Васил Тоциновски неговите девет приказни ги претстави со исказот „Отстрел зад секој агол“, Д-р Александар Прокопиев го именуваше „Современ роман со супериорна структура“, српскиот портал ЕдтБГ го вброи во „Петте ‘топ’ книги објавени во Србија во 2017 година“ , Д-р Сашо Огненовски во рецензија на белградски медиум го оцени како „Роман за болните точки на цивилизацијата на 21 век“, додека Проф. Д-р Весна Мојсова-Чепишевска во научно соопштение за меѓународна книжевна конференција во Софија 2014 направи компаративна анализа на овој македонски, со романот „Талкачи“ на полската нобеловка Олга Токарчук.

Во текот на вчерашниот ден писателите од Македонија го посетија и седиштето на Истанбулската асоцијација клучен дел насетурското здружение на писатели и остварија средба со претседателот на истанбулското здружение

Оваа содржајна македонска презентација која се покажа и како интеркултурален мост меѓу македонското мултикултурно творештвото и културата на Истанбул, најголемиот турски културен центар – ја осмисли и нејзин главен домаќин е директорот на Културниот центар на Северна Македонија во Истанбул, Рамадан Рамадани. Програмата се реализира во организација на проектната менаџерка Хулија Хилми. Голем придонес кон настанот во претставувањата и контактите имаше преведувачот Мехмед Јонуз.

Македонскиот културен центар, каде што се одржа манифестацијата “Писма од Македонија“, е сместен во самото средиште на трускат метропола, во прославениот кварт Таксим, дел од во централната истамбулска општина Бејолу.