Три лица убиени во американски напад врз пловило поврзано со наркокартелите на Карибите
Американската војска соопшти дека три лица загинале во напад врз пловило во Карипското Море, последен во низата напади за кои Вашингтон тврди дека се насочени против „нарко-терористи“.
Јужната команда на американската војска преку платформата „Икс“ соопшти дека „извршила смртоносен кинетички напад врз брзопловечки чамец што се движел по воспоставени рути за шверц на дрога на Карибите“.
Командата се повика на „потврдени разузнавачки информации“ за да укаже дека пловилото активно учествувало во шверц на дрога, без да соопшти дополнителни детали.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврди дека пловилата во Карипското Море што се цели на нападите од септември 2025 година, превезуваат наркотици.
Во нападите на американската војска врз такви пловила во Карибите и во источниот дел на Тихиот Океан досега се убиени повеќе од 220 лица.
Експерти и активисти за човекови права во САД и во светот ја доведуваат во прашање законитоста на тие напади. „Хјуман рајтс воч“, „Амнести интернешнл“ и независни експерти на ОН ги оквалификуваа како „незаконски вонсудски убиства“.
Американската унија за граѓански слободи (ACLU) ги оцени како „неосновани“ тврдењата на администрацијата на Трамп за лицата кои биле цел на нападите, оценувајќи дека нивното такво прикажување служи само за ширење страв.