Три центри за развој на плански региони и 10 општини добија пари од ИПА за нивни проекти
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во Скопје заедно со Армен Грегоријан, постојан претставник на УНДП во земјава, Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален разој и грантистите – градоначалници на општини и директори на центрите за регионален развој ги потпиша договорите за финансирање на техничка документација за приоритетни инфраструктурни проекти во рамките на Првиот повик организиран како дел од Фондот за техничка документација. Грантовите се обезбедени од страна на Проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти – Фаза 2“ финансиран од страна на Шведска и Бирото за регионален развој.
Министерот за локална самоуправа упати благоданост за поддршката до Шведската развојна агенција и до УНДП, а на првите 10 општини и на трите центри за развој на планските региони им честита за добиената можност. Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој се двете централни институции кои што ја имаат одговорноста да го поддржат развојот на општините и на планските региони.
Министерот Пенов истакна дека по потпишувањето на договорите, најголем предизвик е да се зајакнат капацитетите за подготовка на квалитетни проекти кои што се финансираат од буџетот на државата, но и проекти кои што ќе ги исполнуваат сите стандарди за финансирање од други извори како што се Европската Унија или Светска банка.
„Пристапот до квалитетни средства е условен од капацитетноста на општините и на Центрите за развој за подготовка на проектна и техничка документација, врз основа на пропишани стандарди. Со 1.5 милиони долари, Фондот за техничка документација во оваа фаза обезбедува градење на капацитети преку директна експертска поддршка, но и на финансиски средства за подготовка на техничката документација, што е од голема помош и за општините и за Центрите за развој“, порача министерот за локална самоуправа.
Во процесот на интеграција во Европската Унија, Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, пред се ја имаат одговорноста да создаваат услови за квалитетно учество на општините и на планските региони во користењето на ИПА средствата за регионален развој.
„Така ја покажуваме нашата подготвеност за членство во Европската Унија, преку користењето на финансиските инструменти за подигнување на стандардите и на квалитетот на живеење и намалување на развојните разлики внатре во државата и со земјите членки на Унијата. Во рамките на овој проект, преку трите планирани повици, шансата ја имаат сите општини и Центрите за развој на планските региони“, додаде министерот Пенов.