Трговските центри на колена, со новите мерки посетеноста и прометот преполовени
Со новите мерки веќе прометот и посетеноста се намалени за 40 до 50 отсто. Трговците предупредуваат дека тоа ќе значи силен удар врз стопанските субјекти и влез во подлабока економска криза
Трговските центри зјаат полупразни по стапување во сила на најновите мерки со кои влегувањето во нив е условено со поседување вакцинален сертификат или пак доказ за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена. Трговците ги бројат загубите и апелираат мерките да се изменат, во спротивно, нагласуваат, нивните бизниси ќе доживеат колапс. Особено што тие ба едни од најпогодените и во досегашните затворања на економијата поради пандемијата со корона вирусот. Со новите мерки веќе има намалување на прометот и посетеноста од 40 до 50 отсто.
Трговските центри и трговците се уште не беа закрепнати од големиот удар во претходниот период, па оваа одлука целосно ќе го уништи секторот.
Според новите правила за влез во моловите и угостителските објекти потребен е сертификат за вакцина или потврда за прележан вирус во последните 45 дена, но во мерките не спомнува негативен ПЦР тест. Дел од јавноста останува збунета, додаваат.
„Со новите мерки веќе има намалување на прометите и посетеноста на сите продавници вклучувајќи ги и супермаркетите кои се наоѓаат во склоп на трговските центри поради неможност на потрошувачите да влезат во моловите, со тоа што повторно се соочуваме со економски пад“, нагласуваат од „Рамстор и од „Капитол Мол“.
Анализирајќи ја состојбата по донесувањето на новите мерки, трговците се едногласни дека тоа ќе значи силен удар врз стопанските субјекти и влез во подлабока економска криза до крајот на годината. И кај дел од епидемиолозите постои дилема дали на ваков начин ќе се спречи натамошното ширење на корона вирусот, велат трговците, додавајќи дека поголем дел од мерките кои се однесуваат на ограничувања за невакцинираните граѓани ги испразнија трговските центри во кои работат многу економски субјекти. Иако и според досегашните мерки во нив носењето маски беше задолжително, што се почитуваше максимално, покрај другите дополнителни мерки.
„Уште од почетокот на пандемијата, трговските центри секогаш беа голема поддршка во борбата против КОВИД-19. И кога немаше рестрикции за невакцинираните посетители, во некои периоди, бројот на заболени беше дури под пет лица. Иако, трговските центри и дуќаните претрпеа големи загуби во последната 1,5 година од почетокот на пандемијата и се уште не се закрепнати, сите безбедносни протоколи максимално беа спроведувани“, посочуваат трговците.
Тоа, според нив е најдобриот показател дека трговските центри не се локации каде што се шири вирусот.
Потсетуваат дека во сите трговски центри се почитува мерката за задолжително носење маски, ограничен е бројот на посетители кои можат во исто време да влезат во некоја од продавниците, за одржување растојание во сите нив има соодветна сигнализација, како и средства за дезинфекција, а исто така редовно се врши дезинфекција на сите места со кои посетителите стапуваат во контакт, како и на сите системи за вентилација.
Тие претпоставуваат дека ваквиот пад на посетеноста и на прометот во трговските центри, односно во шопинг моловите се должи на нискиот процент на вакцинирани лица на возраст од 18 до 50 години, кои се и најбројната категорија граѓани кои одат да пазаруваат. Затоа и последиците ги чувствуваат многу компании кои работат во малопродажбата, во угостителската и услужната дејност.
Сликата за празни ресторани и кафулиња, но и трговските центри, секојдневно е присутна по стапувањето на сила на новите правила и протоколи.
„Во моловите, особено во поголемите, на удар се трговските објекти за продажба на облека, книжарници, дуќани за бела техника, но и угостителските објекти“, велат трговците додавајќи дека нивниот број не мал – станува збор за неколку стотици такви во главниот град.
Покрај трговците од трговските центри, деновиве реагираа и здруженијата на кафеанџиите кои исто така се погодени од мерките. Исто така со реакција се јавија од Сојузот на стопански комори од каде што велат дека мерките се селективни, неприменливи и има многу нејаснотии.
Сето тоа, како што посочуваат, ја отежнува економската ситуација и ја влошува и онака тешката финансиска состојба на претпријатијата, а влијае и на зачувување на работните места. (Н.В.)