Трето издание на Светскиот ден на вранецот


Светскиот ден на вранецот се одбележува по трет пат во земјите кои се традиционални производители на вина од оваа сорта. По тој повод, во периодот од 1 до 5 октомври, ќе бидат организирани едукативни и промотивни активности, чија цел е да се потенцира важноста на локалните сорти, да се поддржат напорите на локалните винарници за зачувување на винскиот идентитет на регионот и да се зајакне свеста на потрошувачите ширум светот за вината кои доаѓаат од земјава и регионот.

Во рамки на овие активности, повеќе од 20 светски вински критичари и новинари ќе посетат производители на вина од сортата вранец во Македонија, Косово и Црна Гора, а голем број познавачи на виното ќе го споделат своето искуство и знаење за оваа сорта преку онлајн стриминг во живо на мастер часови, панел дискусии и низа промотивни активности во регионот и ширум светот.

„По минатогодишните изданија на Светскиот ден на вранецот, оваа година имаме уште поголема одговорност да го одржиме континуитетот и секако да ги прошириме активностите. Така, годинава посетителите ќе може да ги дегустираат и најдобрите македонски вина на “Grand vin”, кој ќе се одржи на 1 октомври во Скопје. Главните случувања ќе се одвиваат на 5 октомври, преку онлајн стриминг во живо од Скопје, Подгорица, Белград и Приштина, додека винарниците преку своите дистрибутери на странски пазари организираат промоции и продажни акции во неколку светски земји”, најавуваат од здружението „Вина од Македонија”.

Одбележувањето на Светскиот ден на вранецот придонесува за позиционирање на сортата вранец на ниво со останатите етаблирани сорти во светски рамки, за зголемување на препознатливоста на Македонија и регионот како производители на вина на меѓународно ниво, како и за негово издигнување на рамниште на останатите вакви денови со кои се потенцира значењето на квалитетните вински сорти. Во последната деценија, трендот на славење на одредена сорта возврати со повеќе придобивки, од кои најзабележителна е подобреното позиционирање и зголемената продажба на вината од добро познатите и препознатливи сорти на меѓународни пазари.

Светскиот ден на вранецот го организира Здружението „Вина од Македонија“, во соработка со производителите на вино од оваа сорта од Македонија и од регионот, а е поддржан финансиски од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија.

Годинешни партнери во организацијата на овој настан се „Винска Академија” од Црна Гора и „Енологија” од Косово, кои се членки на Балканската винска мрежа, основана во Скопје во 2019 година токму по повод Светскиот ден на вранецот.