Третина од преживеаните и повредените од пожарот во Кочани се соочуваат со анксиозност, депресија и посттрауматско растројство
Преживеаните и повредени лица од пожари се соочуваат со сериозни психолошки последици – потенцира проф. д-р Славица Арсова, директорка на Универзитетската клиника за психијатрија, на втората научна конференција на Универзитетската клиника за дерматологија, што се одржа викендов во Скопје. Ова го покажа истражувањето на Универзитетската клиника за психијатрија спроведено кај 50 повредени лица во трагичниот пожар во Кочани – испитаници што биле лекувани во рамките на третманот на лузни со PDL (pulsed dye laser) на Универзитетската клиника за дерматологија. Резултатите покажуваат дека кај една третина од испитаниците е регистрирана анксиозност, 27,5 проценти имаат симптоми на посттрауматско стресно нарушување (ПТСР), а 21,6 процент се соочуваат со депресија – се наведува во денешното соопштение на Клиниката за психијатрија.
Истражувањето било спроведено во периодот од јануари до март 2026 година и ќе биде дополнително истражувано со цел, како што се додава во соопштението, да се добијат научно верификувани податоци за психолошките последици од една од најтешките трагедии во поновата македонска историја.

– Пожарот во клубот „Пулс“ претставува масовна несреќа од човечки фактор, настан што според литературата носи значително повисок психијатриски морбидитет од природните катастрофи, се истакнува во пишаната изјава на проф. д-р Арсова.
Дури 72 проценти од испитаниците пријавиле загуба на блиска личност во трагичниот настан, што се покажувало како значаен фактор за појава на ПТСР. Истовремено, 96 проценти го наведиле семејството како главен извор на поддршка, што ја нагласувало неговата клучна улога во процесот на опоравување.
– Забележително е дека најголем дел од поддршката се бара кај семејството и од една страна е добро што кај нас опстојува оваа поврзаност со семејството. Сепак, од друга страна, сè уште егзистира стигмата кога станува збор за барање стручна помош, смета Арсова.
Еден од најзначајните наоди од истражувањето, како што се нагласува, е улогата на механизмите за справување со траумата.
– Избегнувачките стратегии, како повлекување, емоционално оттурнување и негирање се директно поврзани со повисоки нивоа на психолошки нарушувања и можат да доведат до продлабочување на симптомите. Истражувањето дополнително покажува дека жените се особено ранлива категорија, со повисоки нивоа на анксиозност, депресија и ПТСР, пишува во соопштението.
Директорката на Клиниката за психијатрија предупредува дека избегнувањето на проблемот, емоционалното дистанцирање, самодистракцијата, негацијата, како и употребата на психоактивни супстанции и алкохол, претставуваат ризични и неефикасни стратегии за справување со траумата.

Во истражувањето биле вклучени 72 проценти мажи и 28 проценти жени, од кои најголем дел на возраст од 18 до 29 години.
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија најавува дека ќе продолжи со систематско следење и научно истражување на психолошките последици од трауматскиот настан во Кочани, со цел навремено препознавање, намалување на стигмата и обезбедување соодветна стручна поддршка за сите засегнати граѓани од трауматскиот настан.