Трет ден на самитот Македонија 2025 – во фокусот претприемништвото, младите и иновациите


Претприемништво, непроценливата вредност на вработените за успехот на еден бизнис, младите и иновациите, беа главните теми на последниот ден од виртуелниот Самит Македонија 2025.

Денешниот ден на Самитот започна со панел-дискусијата насловена “Што е потребно за врвен успех: интервју со најуспешната жена-претприемач со македонско потекло во светот“ односно Сузан Ничовски, која е основач и претседател на „The Summer Fresh Salads Inc.“ во Канада. Во своето излагање таа истакна дека карактеристиките на успешен претприемач се смелост, искреност и интегритет.

– Како совет за градење успешен бизнис би сакала да истакнам дека вие сте онолку добри колку што е добар тимот што сте го направиле околу вас. Вработувајте луѓе кои имаат идеи, и ве прават да изгледате подобри и посилни. Секако, морате да имате добар бизнис план и постојано да се држите до неговата суштина за да имате успешна реализација на бизнисот, посочи Ничовски.

Следната панел-дискусија направи детален осврт на темата “Вреднување на нашето најценето богатство – луѓето“ каде се зборуваше за тоа дека токму вработените и нивните вештини, знаење, продуктивност, се најважниот ресурс во една компанија. На крајот од денот, тие се оние кои ја сочинуваат успешноста или неуспешноста на бизнисот.

Деветотто издание на Самитот Македонија 2025 го заокружи специјалниот настан со Претседателот Стево Пендаровски и успешните млади Македонци за иновациите и кодирањето. На настанот беа претставени три типа на проекти – проектите на талентиранте млади од Фондот за поддршка на талентирани средношколци/студенти на Македонија 2025, три тима од проектот со кодирање „Училишта на 21-от век“ и тимот составен од учениците во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

На Самитот официјално беше најавен и Охридскиот камп за Hi-Tech (високо технолошка) извонредност (Камп за кодирање и роботика за дијаспората), кој комбинира традиционална летна забава со можност за учење, заедничко вежбање и споделување на искуства за кодирање и роботика за млади луѓе од нашата земја, но и млади Македонци од дијаспората. Овој проект се реализира под покровителство на Претседателот на С. Македонија, г. Пендаровски.

Организаторите се задоволни од уште еден успешен настан со верба дека заедно покажавме дека поседуваме знаење, волја и способност за надминување на бариерите од сегашната здравствена и економска криза, насочувајќи се кон иднината.