Транспорт и врски: Не може да се споредуваат автобуси на гас и електрични


Фото: Б. Грданоски

После 14 години, Владата обезбеди нови автобуси што ќе помогнат во намалување на загадувањето, решавање на сообраќајниот метеж и подобрување на урбаната мобилност, сметаат од Министерството за транспорт и врски, кои се задолжени за набавката на новите автобуси и не се сложуваат дека се со помал капацитет од претходните.  

Ова е прва голема набавка на нови електрични еколошки автобуси, што ја спроведе Владата, а со која директно влијае врз намалување на аерозагадувањето во Скопје и другите општини и подобрување на јавниот градски превоз.

Во самата постапка која беше јавна и транспарентна за јавноста и во целост отворена за сите понудувачи, согласно Законот за јавни набавки при електронската аукција се постигна најдобра единечна цена по автобус од 321.958 евра без ДДВ. 

Сакаме да потенцираме дека автобусите се стандардни, со автоматски регулиран клима уред за ладење/греење, максимална моќност најмалку 350 kW на електромоторот, дисплеј екрани за прикажување станици и број на линии, со 3 врати, платформа за лица со инвалидитет, со најсовремени системи за кочење и безбедност како и со стандарден капацитет со кој целосно се задоволуваат потребите за превоз на патници по европската директива 2018/858 и согласно ИСО стандардите 15118.  

Унгарски „Икарус“ и кинески „Зонтонг“ од ривали станаа партнери добитници на тендерот за 150 автобуси

Би сакале да истакнеме дека го цениме интересот на јавноста во однос на набавката, но мораме да нагласиме дека при правење на споредбата мора да се земат сите технички каректеристики на автобусите во однос на должината, капацитетот, погонот на работа, системите за безбедност и квалитетот.

Секоја паушална споредба е обид да се направи манипулација или да се креира погрешна слика во однос на набавените автобуси. Ќе потенцираме дека набавката беше целосно транспарентна и согласно Законот за јавни набавки се избра најповолниот понудувач.

Исто така сакаме да потенцираме дека автобусите со кои се прави споредба се на погон на компримиран природен гас и се работи за автобуси кои се со целосно различни технички карактеристики.

Додека не стигнат 100 автобуси за Скопје, нема да се праќаат возила во другите градови

Автобусите кои ќе се набаваат се со капацитет од најмалку 33 седечки седишта, а вкупно 67 патници, а кога веќе се прават несоодветни споредби донираните автобуси се на компримиран природен гас и имаат вкупно 29 седечки места, што значи 4 седишта помалку, кога се прават вакви споредби. Се работи за различен тип на автобуси и затоа е несоодветно да се прават вакви споредби, тоа е како да се прави споредба на автопат и експресен пат. 

Автобусите што беа предмет на набавка целосно електрични автобуси.   

Доколку се прави споредба за слични проекти, на пример во Загреб набавени се 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра, додека во Македонија се набавија 150 автобуси и 75 полначи со вкупна вредност од 59,9 милиони евра. 

Набавката на електрични еколошки автобуси претставува јасна определба за заштита на животната средина како и подобрување на ефикасноста со јавниот превоз во Скопје и останите општини.

Покрај еколошките придобивки, набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија.

Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги.