Трамп му се закани на „Епл“ со царина од 25% ако не произведува „ајфони“ во САД

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп денес ѝ се закани на Apple со царина од 25 проценти доколку не ги произведува своите iPhone уреди во САД.
„Одамна го информирав Тим Кук од „Епл“ дека очекувам нивните „Ајфони“ да се продаваат во Соединетите Држави, да бидат произведени и склопени во Соединетите Држави, а не во Индија или било каде на друго место“, напиша Трамп на својата мрежа „Truth Соcial.“.
Според него, ако тоа не се случи, Apple ќе мора да плати царини во Соединетите Држави од „најмалку 25 проценти“.
Apple работи на диверзификација на своите производствени капацитети во последните години.
Дел од производството на iPhone веќе е преместено во Индија, а извршниот директор Тим Кук им рече на инвеститорите претходно овој месец дека очекува „поголемиот дел од iPhone-ите што се продаваат во САД ќе ја имаат Индија како земја на потекло“, објави CNN.
Трамп, според неговите зборови, веќе директно побарал од Тим Кук да го запре проширувањето на производството во Индија и да се фокусира на инвестиции во САД.
„Вчера имав мал проблем со Тим Кук. Му реков: „Брате, се однесував многу добро со тебе. Доaѓаш тука со 500 милијарди долари, а сега слушнав дека градиш низ цела Индија.“ „Не сакам да градиш во Индија“, рече Трамп во тоа време.
Претседателот Трамп се осврна на ветувањето на „Епл“ да инвестира 500 милијарди долари во САД, кое беше објавено во февруари, објави CNBC.