Трамп стапна во Северна Кореја


 

“Еј, сакаш кафе?” Кој не сака да слуша таква реченица, таков повик кон спонтаност? Баш на таква спонтаност инсистираше најмоќниот човек во светот, претседателот на САД, Доналд Трамп, кога му порача преку Твитер на севернокорејскиот диктатор Ким Јонг-ун дека можат накратко да се сретнат на границата меѓу двете Кореи, само „за да си стиснат рака и да си речат здраво“.

Откако стапна на севернокорејска почва, Трамп кажа: „Стапнувањето преку таа линија е голема чест, направивме голем процес, големи пријателства направивме и ова, конкретно, е големо пријателство“. Тој рече дека средбата со Ким била многу историска.

Лидерот на Северна Кореја Ким потоа помина на јужната страна од граница за неговата прва трилатерална средба со Трамп и јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин. Ким рече дека средбата на границата била симболична за стоплување на односите меѓу Северна Кореја и САД.

„Мислам дека со средбата тука, меѓу две земји кои имаат непријателско минато, ние му покажуваме да светот дека имаме нова сегашност и дека одиме напред“, рече Ким. Тој истакна дека би му била голема чест Трамп да ја посети неговата престолнина Пјонгјанг, додека американскиот претседател го повика Ким во посета на Белата куќа.

Инаку, Трамп беше во посета на Сеул и му беше речиси попатно бидејќи јужнокорејската метропола е само педесет милји од севернокорејската граница.

Дали навистина ваквите средби се договараат преку Твитер или Трамп проценил дека е попаметно да одглуми лажна спонтаност сега е споредно, бидејќи веста е дека повторно се сретнаа двајца моќници кои долго го држат светот во страв од нуклеарна војна. Доналд Трамп стана првиот активен американски претседател кој стапна во Северна Кореја.

Тоа се случи во пограничниот град Панмунджо, симбол на поделбата на Кореја. Таканаречената „демилитаризирана зона“ ги дели двете Кореи од граѓанската војна (1950-1953) и е долга 250 километри,а широка четири километри.

САД и Северна Кореја сè уште немаат дипломатски односи, меѓутоа Трамп веќе се виде трипати со младиот владетел во Пјонгјанг. Првиот состанок се одржа во Сингапур минатиот јуни, кога Ким се согласи во принцип за денуклеаризација на воениот арсенал. Следниот состанок, овој февруари во Ханој, не успеа бидејќи немаше понатамошни конкретни чекори.

Оттогаш имаше тишина помеѓу Вашингтон и Пјонгјанг, која, сепак, не е напната како пред првата средба. Според Белата куќа, целта на Трамп е да постигне договор за нуклеарно разоружување на Северна Кореја.

Претседателот на Јужна Кореја, Мун Jae-ин, инаку поддржувач на приближувањето со северниот сосед, ја поздрави средбата и го придружуваше до границата Трамп. „Се чувствува“, рече Мун, „дека цветот на мирот цвета на Корејскиот Полуостров“.

Ким повеќепати ја потврди подготвеноста да се откаже од нуклеарното оружје, иако на тој план многу не е направено конкретно. Претходно во многубројни коментари беше забележано дека Ким знае да чита вести од светот и дека видел како заврши Моамер Гадафи во Либија – диктатор кој немаше атомско оружје за да се заканува со него. Овие денови, пак, Ким може да се види како до граница на пукање се затегнуваат односите меѓу Техеран и Вашингтон. Иако претходникот на Трмап, Барак Обама, учествуваше во историскиот договор со Иран за прекинување на нуклеарната програма, Трамп еднострано го прекрши и воведе санкции кон Иран, па и посилни. Сега низ Персискиот Залив кружат американските носачи на авиони, а оружјето ѕвечка секој ден. (ДПА)