Трамп со порака до Ердоган: Не бидете опасно момче, ќе ве паметат како ѓавол
САД – Американскиот претседател Доналд Трамп на 9 октомври, на денот на почетокот на турската акција во североисточна Сирија, му напишал писмо на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во кое го предупредил, доколку ситуацијата во Сирија не биде решена на хуман начин, дека во историјата ќе биде запаметен како ѓавол.
На почетокот на краткото писмо, што на Твитер го објави новинарката на Фокс, Триш Реган, американскиот претседател на својот турски колега му предлага да постигнат „добар договор“.
„Не сакате да бидете одговорен на масакр на илјада луѓе, а јас не сакам да бидам одговорен за уништувањето на турската економија, а ќе го сторам тоа“, навел Трамп, кој веќе воведе некои санкции кон Турција и се заканува дека ќе ги прошири на начин што тие ќе бидат уништувачки за турското стопанство.
Во писмото Трамп истакнува дека тешко работел за да се решат некои од проблемите на Турција и на Ердоган му порача да не го разочарува светот.
Додава дека Ердоган може да добие одличен договор и дека курдскиот генерал Мазлум Кобани е подготвен да преговара со него.
„Тој е подготвен да ви даде отстапки какви Курдите никогаш во историјата не дале“, наведува американскиот претседател и додава дека на Ердоган му го испраќа писмото на курдскиот генерал кое штотуку го примил.
„Историјата на вас ќе гледа со одобрување доколку ова го изведете на хуман начин, но ќе ве запамети како ѓавол доколку не се случат добри работи. Не бидете ’опасно момче’. Не бидете будала“, заклучи Трамп.