Трамп се фали: Светски лидери ми го бакнуваат газот за да им ги намалам царините


Доналд Трамп кажа дека светските лидери се во паника поради новите американски царини и му го „бакнуваат газот“ во очајнички обид да ги намалат давачките што им се наметнати.

Реципрочните царини на Трамп за 60-ина држави денеска стапија на сила, продлабочувајќи ја светската трговска војна, иако тој кажа дека е спремен да преговара со некои земји. Најтешко погодена е Кина, за која Трамп воведе царини од дури 104%.

„Тие држави ми се јавуваат и ми го бакнуваат газот за да преговараат за моите царини, кои се легендарни. Тие умираат за да склучат договор. Ми се јавуваат и со плачлив глас ми велат: ‘Ве молам господине, ајде да направиме договор, ќе сторам сѐ што треба‘“, рече Трамп.

Американските царини предизвикаа потрес во светскиот трговски поредок што постоеше со децении, го зголемија стравот од рецесија и ги вознемирија берзите. Трамп им испрати мешани сигнали на инвеститорите дали царините се долгорочни, опишувајќи ги како постојани.

Сајтот „Политико“ објави дека Белата куќа не се ни потрудила да одговори на телефонските повици од некои лидери кои сакале да преговараат.