Трамп објави статус, акциите на американската компанија за челик скокнаа за 21 отсто


Акциите на „Ју-Ес Стил“ скокнаа за 21 отсто откако инвеститорите ја протолкуваа најавата на американскиот претседател Доналд Трамп како знак дека преземањето на „Ју-Ес Стил“ од страна на јапонскиот „Нипон Стил“ е при крај.

Со одобрението на Трамп, се чини дека последната голема пречка за преземање е отстранета.

„Ова ќе биде планирано партнерство меѓу „Јунајтед Стејтс Стил“ и „Нипон Стил“, кое ќе создаде најмалку 70.000 работни места и ќе додаде 14 милијарди долари на американската економија“, напиша Трамп на „Трут Сошл“.

Трамп додаде дека поголемиот дел од оваа инвестиција ќе биде реализирана во следните 14 месеци. Тој, исто така, најави дека следниот петок ќе одржи митинг во фабриката на „Ју-Ес Челист“ во Питсбург.

Двете компании не одговорија веднаш на барањата на медиумите за коментар, а Белата куќа не одговори веднаш на прашањата на новинарите во врска со објавата.

Поранешниот претседател Џо Бајден блокираше преземање вредно 14,3 милијарди долари за време на неговата последна недела од функцијата. Овој договор е контроверзен уште од неговото прво објавување во декември 2023 година, при што и демократите и републиканците се изјаснија против него, приговарајќи на идејата странските компании да ја преземат контролата врз она што некогаш беше клучен столб на американската индустриска моќ.

Во март, администрацијата на Доналд Трамп сигнализираше дека би можела да дозволи договорот да продолжи откако поднесе барање за две продолжувања на тужбата поднесена од „Ју-Ес Стил“ и „Нипон Стил“ против Комитетот за странски инвестиции во Соединетите Американски Држави (CFIUS), кој ги проценува безбедносните ризици од странските инвестиции.

CFIUS започна преглед на преземањето во април и се очекува да му даде препорака на Трамп за тоа дали предлозите на двете компании би можеле да ги ублажат потенцијалните безбедносни закани. Во меѓувреме, „Нипон“ го зголеми своето ветување за инвестирање во „Ју-Ес Стил“ на 14 милијарди долари, вклучувајќи 4 милијарди долари за изградба на нова челичарница во САД доколку неговата понуда биде одобрена, објави „Ројтерс“.

Симбол на американската индустриска моќ

„Ју-Ес Стил“ некогаш беше симбол на американската индустриска моќ. Тоа беше највредната компанија во светот и првата што достигна вредност од една милијарда долари, кратко по нејзиното основање во 1901 година. Беше клучна за американската економија и за производството на автомобили, апарати за домаќинство, мостови и облакодери.

Сепак, од својот врв по Втората светска војна, компанијата е во опаѓање со децении. Веќе не е ниту најголемиот производител на челик во САД, а денес вработува релативно мал број луѓе, околу 14.000 работници во САД, од кои 11.000 се членови на синдикатот на Обединетите работници во челик.

Договорот наиде на силен отпор и од синдикатите, кои изразија загриженост дека Нипон нема да ги поддржи преостанатите синдикално организирани челичарници на долг рок.

Во соопштение за медиумите вчера, синдикатот на Обединетите работници во челик изјави дека дозволувањето продажба на „Ју-Ес Стил“ на „Нипон“ „би било катастрофа за американските работници во челик, за националната безбедност и за иднината на американското производство“.