Трамп ја смени амбасадорката Агелер, заедно со уште тресетина други

Сите сменети амбасадор се именувани од администрацијата на Бајден. Новите дипломати треба да ја спроведуваат пораката „Америка на прво место“


Анџела Агелер (Фото: Б. Грданоски)

 

Два месеци откако формално ѝ истече мандатот американската амбасадрока во Скопје, Анџела Агелер, е сменета од функцијата со со порака од Стејт департментот. Агелер е во друштвото на 30 кариерни дипломати кои ги менува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Агелер стапи на должност во Македонија во ноември 2022. Нема никакво навестување од Вашингтон кој би можел да биде следниот американски амбасадор во Скопје. Кога ќе се номинацијата предлогот треба да оди во Сенатот на усвојување. Тоа може да трае повеќе месеци.

Ова се случува како дел од напорите за преобликување на американските дипломатски мисии и назначување персонал кој се смета дека целосно ги поддржува приоритетите на Трамп, отелотворени во пораката „Америка на прво место“.

Шефовите на мисии во најмалку 29 земји беа известени минатата недела дека нивните назначувања завршуваат во јануари, изјавија двајца претставници на Стејт департментот кои зборуваа под услов на анонимност. Оние кои се погодени од промените не ги губат своите работни места во nадворешната служба и се враќаат во Вашингтон за други должности доколку сакаат да ги преземат, рекоа тие претставници.

Сите отповикани амбасадори ја презедоа функцијата за време на администрацијата на претседателот Џозеф Бајден, но останаа на тие позиции по првичната чистка на почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари, кога беа цел претежно политички назначени лица. Тоа се промени минатата среда кога почнаа да добиваат известувања од Вашингтон дека треба да заминат.

Информацијата прво ја објави американското издание на „Политико“, цитирајќи го Џон Динкелман, претседател на Американското здружение на дипломати, кој работи во Стејт департментот. Според него, амбасадорите треба да заминат од своите земји до 15 или 16 јануари. Ним не им била дадена причина.

Овој потег е најновото големо престројување на дипломатските редови под претседателот Доналд Трамп. Особено е необичен бидејќи вклучува дипломати кои потекнуваат од кариерата во надворешната служба.

Иако е нормално новите претседатели да ги заменуваат политички назначените лица кои служат како амбасадори, на кариерните дипломати обично им е дозволено да продолжат да служат бидејќи се подразбира дека, врз основа на тоа што се во Надворешната служба, тие ќе ги извршуваат желбите на оној кој е во Белата куќа, без оглед на политичката партија.

Но, администрацијата на Трамп има мала доверба во кариерните рангови во Стејт департментот. Нејзините претставници го нарекоа Стејт департментот бастион на либерализмот, а администрацијата веќе отпушти илјадници вработени во одделот.

Динкелман ги осуди постапките на администрацијата, сугерирајќи дека тоа ќе му наштети на угледот на американската дипломатија.

„Тоа продолжува да ја поткопува довербата во способноста на професионалната Надворешна служба ефикасно да ги спроведува политиките на избраното раководство на нашата нација“, рече тој.

Во соопштението, Стејт департментот инсистираше дека отповикувањата се „стандарден процес во секоја администрација“.

„Амбасадорот е личен претставник на претседателот и право на претседателот е да обезбеди дека има поединци во овие земји кои ја промовираат агендата „Америка на прво место“, се вели во соопштението на одделот.

Амбасадорите служат по желба на претседателот, без оглед на тоа дали се политички номинирани или членови на Службата за надворешни работи.

Стејт департментот не коментираше за конкретниот број на персонал или амбасадори кои се засегнати, но рече дека тоа е стандарден процес во секоја администрација. Како што е најавено, амбасадорот е „личен претставник на претседателот и право на претседателот е да обезбеди дека има поединци во овие земји кои ја промовираат неговата агенда ‘Америка на прво место’“.

Освен во Македонија, во Европа, смени се случија во Ерменија, Црна Гора и Словачка.

Најпогодена од промените е Африка, каде што амбасадорите од 13 земји – Бурунди, Камерун, Зеленортските Острови, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маврициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда – беа повлечени.

На второ место е Азија со смени на амбасадори во шест земји – Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.

На Блискиот Исток во две земји – Алжир и Египет, како и во Јужна и Централна Азија – во Непал и Шри Ланка), и на Западната хемисфера – во Гватемала и Суринам.