(Видео) Трамп излезе од болницата за да ги поздрави приврзаниците, лекарите шокирани
Американскиот претседател Доналд Трамп излезе од болницата да ги поздрави своите приврзаници кои се собраа пред неа во знак на поддршка. Тој помина крај своите приврзаници во неговиот автомобил во колоната возила и им мавташе од зад прозорецот.
Луѓето го дочекаа неговото доаѓање со силни извици и мавтајќи, а кога автомобилот на Трамп се врати накај болницата, тие почнаа да трчаат по патот за да останат со него подолго.
Краткото излегување на американскиот претседател Доналд Трамп од болницата каде што се лекува од КОВИД 19 за да ги поздрави собраните приврзаници, предизвика бројни предупредувања и критики дека тој го загрозува здравјето на другите луѓе поради доивање политички поени.
Портпаролот на Белата куќа, Џад Дир, го опиша излегувањето на Трамп од болницата како „кратко возење во моторизирана поворка за да им мавта на приврзаниците“ и додаде дека Трамп многу брзо се вратил во болничкиот апартман. Дир истакна дека „се преземени соодветни мерки на претпазливост“ пред да се вози за да се заштити претседателот и оние што го поддржуваат. „Потегот беше одобрен од медицинскиот тим“, додаде тој.
Наскоро следеа критики, вклучувајќи ја и критиката на доктори од болницата „Валтер Рид“. „Секоја личност во автомобилот за време на тоа целосно непотребно претседателско возење сега треба да биде во карантин 14 дена“, напиша на Твитер Џејмс Филипс, лекар и професор по итна медицина на Универзитетот Џорџ Вашингтон. „Тие би можеле да се разболат. Може да умрат. Поради политичко шоу”.