Трамп го поддржа Орбан за изборите оваа пролет

Двајцата лидери имаа пријателски односи додека Трамп беше во Белата куќа


Виктор Орбан и Доналд Трамп за време на средбата во Белата куќа во мај 2019

 

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан во неговата кандидатура за четврти последователен мандат на функцијата.

Унгарскиот лидер „навистина ја сака својата земја и сака безбедност за својот народ“, рече Трамп во изјавата во понеделникот.

„Тој направи моќна и прекрасна работа во заштитата на Унгарија, запирањето на илегалната имиграција, создавањето работни места, трговијата и треба да му се дозволи да продолжи да го прави тоа на претстојните избори“, рече поранешниот претседател на САД.

Унгарските граѓани ќе излезат на гласање оваа пролет за да изберат помеѓу владејачката партија Фидес на Орбан и разновидна опозициска алијанса од шест партии, која го поддржува конзервативниот политичар Петер Марки-Зај како свој кандидат за премиер. Анкетите покажуваат дека изборната трка во овој момент е многу изедначена.

Двајцата политичари уживаа пријателски односи за време на мандатот на Трамп во Белата куќа, при што поранешниот американски лидер во 2019 година истакна дека Орбан е „веројатно како мене“ и „малку контроверзен, но тоа е во ред“.

Со Џо Бајден сега на функција, односите меѓу Вашингтон и Будимпешта се влошија, а Унгарија беше исклучена од Самитот за демократија минатиот месец.

Во неговата поддршка во понеделникот, Трамп рече дека Орбан е „силен лидер и почитуван од сите“. „Тој ја има мојата целосна поддршка за реизбор за премиер“, рече тој.