Трамп го брани Холивуд, воведува 100-процентни царини на филмови продуцирани надвор од САД


Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување на царина од 100 проценти за сите филмови произведени надвор од САД, обвинувајќи ги странските влади дека ја загрозуваат американската филмска индустрија со субвенции и даночни олеснувања.

Во објава на платформата Truth Social, Трамп рече дека американскиот филм „брзо умира“ поради „координираните напори на другите нации“ за привлекување продукции, пренесува Ројтерс.

„Тоа е и закана по безбедноста, бидејќи станува збор за пораки и пропаганда“, рече Трамп, додавајќи дека им наложил на Министерството за трговија на САД и на другите надлежни тела веднаш да ја започнат постапката за воведување нова трговска мерка.

Американскиот министер за трговија, Хауард Латник, напиша на Твитер: „Работиме на тоа“.

Деталите за најавената мерка сè уште не се познати, а не е јасно дали таа ќе ги вклучи и американските продуценти кои снимаат во странство.

Според организацијата FilmLA, филмската и телевизиската продукција во Лос Анџелес се намалила за речиси 40 проценти во последната деценија.

Земји како Канада, Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд истовремено воведоа значителни даночни олеснувања за да привлечат продукции, па затоа големите американски компании како „Дизни“, „Нетфликс“ и „Универзал“ преместија дел од својата продукција во странство.

Соопштението на Трамп предизвика загриженост кај филмските професионалци и политичарите, објави CNBC.

Поранешниот висок функционер на Министерството за трговија, Вилијам Рајнш, изјави дека одмаздата од други земји би можела да биде катастрофална за американската филмска индустрија и нагласи дека САД би можеле „да изгубат многу повеќе отколку што добиваат“.