Трамп ги брани царините: Светот сака договори, а САД ќе процветаат

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска одржа состанок со владиниот кабинет на кој присуствуваа камери, а во воведот ја коментираше реакцијата на пазарот на неговите неодамнешни одлуки за воведување нови царини. По неколку дена големи загуби на пазарот, американските берзански индекси вчера забележаа закрепнување, а Трамп го нарече тој ден „најголем во историјата на пазарот“.
„Вчерашниот ден беше најголем во историјата на пазарот на САД“
-Секој преоден период носи одредени потешкотии, но вчерашниот ден беше најголем во историјата на пазарот, изјави Трамп, коментирајќи го значителниот пресврт во реакциите на берзите на неговите одлуки. Тој, исто така, нагласи дека инвеститорите на крајот задоволно гледаат на начинот на кој функционира земјата, бидејќи се „трудат да го натераат светот да нè третира праведно“.
Трамп рече дека многу држави и лидери се заинтересирани да склучат договори што би ги намалиле царините. – Сите сакаат да дојдат и да склучат договор, истакна тој, укажувајќи на позитивниот тон што доаѓа од другите земји во врска со неговите трговски политики.
Иако индексите вчера забележаа закрепнување, американската берза денеска повторно забележа пад. Пазарот, и покрај вчерашните добивки, сè уште не го достигна нивото од пред почетокот на воведувањето на царините на САД.
Овие изјави на Трамп доаѓаат во момент кога аналитичарите и инвеститорите поставуваат прашања за долгорочните последици од трговската војна врз американската економија, додека притисокот врз пазарите продолжува да расте.
Американските пазари денеска продолжија со пад по вчерашниот раст. Индексите Дау Џонс и S&P 500 паднаа за повеќе од 4 отсто, додека Насдак падна дури отсто. Warner Bros Discovery забележа пад од 14 отсто, а Амазон и Епл паднаа за 7 отсто. Златото, кое се смета за сигурна инвестиција, порасна за 3 отсто, додека поризичните средства како биткоин и етереум паднаа за 5 отсто, односно 10 отсто.
На почетокот на состанокот со владата, Трамп рече дека „работите одат многу добро“ и дека е „многу задоволен од функционирањето на земјата“. – Секако дека ќе има трошоци и проблеми во преодниот период, но на крајот тоа ќе биде нешто прекрасно. Го правиме она што требаше да го направиме уште пред многу години. Дозволивме работите да излезат од контрола и некои земји да се збогатат и зајакнат на наша сметка. Јас тоа нема да го дозволам. Таквата формула не е одржлива, изјави Трамп.
Состанокот на владата го одржа во Белата куќа, при што ги пофали своите министри. – Сите на оваа маса прават неверојатно добра работа, рече тој.
Светот нуди понуди какви досега немало
Американскиот министер за трговија, Хауард Латник, потоа зеде збор и говореше за земјите што сега сакаат да преговараат со САД за укинување на царините. – Не знам дали би имале доволно часови во денот да разговараме со сите нив, бидејќи сите сакаат да разговараат – и тоа веднаш, рече тој. – Нудат понуди какви досега никогаш не би понудиле, истакна министерот.
Трамп посакува договор со Кина
На состанокот,Трамп одговараше на прашања од новинарите, меѓу кои беше и она за следните чекори кон Кина. – Ќе видиме што ќе се случи со Кина, рече Трамп. – Би сакале да постигнеме договор. Тие навистина нè искористуваа долги години. Дејствуваме само за да ги вратиме работите во ред“, додаде американскиот претседател. – Поставуваме нови правила на игра и сигурен сум дека на крајот ќе имаме добар однос. Трамп нагласи дека го почитува кинескиот претседател Си Џинпинг. – Тој долго време, во вистинска смисла, ми е пријател. Мислам дека на крајот ќе успееме да договориме нешто што ќе биде многу добро за двете земји. Се радувам на тоа“ рече Трамп.
„ЕУ е цврста и паметна што повлече рачна“
На прашањето за Европската Унија, Трамп рече дека ЕУ се третира како единствен блок кога станува збор за царините, а не како збир на поединечни земји. Ја пофали Унијата дека е „многу цврста, но и многу паметна“, истакнувајќи дека решиле да „повлечат рачна“ со противмерките откако виделе како САД постапиле со Кина.
– Решија малку да се воздржат. Мислам дека тоа беше многу паметна одлука, потенцира Трамп.
Состанокот на администрацијата на американскиот претседател заврши по повеќе од еден час, а пред крајот се разговараше за тековните преговори околу царините. Трамп рече дека неговата администрација е „многу блиску“ до склучување на првиот трговски договор со една од земјите погодени од царините, додавајќи дека сака „договори што се фер за САД“. Ако до крајот на 90-дневната пауза не се постигне договор што ѝ одговара на САД, зголемените царини повторно ќе стапат во сила, рече тој пред новинарите. Исто така, нагласи дека не разгледува исклучоци за ниту една земја или за поединечни компании.
На прашањето за приходите од царините, Трамп рече дека тие пари ќе се искористат за намалување на државниот долг, намалување на даноците, креирање буџет и за „помош“ на американско-мексиканската граница.
Трамп ветува дека САД ќе процвета
-Американската челична индустрија сега ќе се опорави благодарение на царините, рече Трамп, додавајќи дека моментално многумина гледаат празни фабрики, но дека тоа наскоро ќе се промени поради неговите мерки.
-Наскоро сè ќе процвета, порача Трамп. „Фабриките повторно ќе се активираат, а ќе се градат и нови. Ќе бидеме подобри и посилни од кога било“.