Трамп: Демократите ја користат кризата со Ковид-19 за кражба на изборите


САД– Американскиот претседател, Доналд Трамп, синоќа ги предупреди републиканците дека изборите во ноември може да им бидат „украдени“, обвинувајќи ги демократите за „користење на кризата со Ковид-19 за кражба на изборите“.

Трамп ова го кажа на првиот ден од републиканската Национална конвенција во Шарлот, Северна Каролина, откако повторно беше номиниран за републикански кандидат на претседателските избори на 3 ноември, на кои ќе му се спротивстави демократот Џо Бајден

Американскиот претседател на виртуелната конвенција го повтори своето тврдење дека гласањето по пошта, за кое се очекува да има голема улога на претстојните претседателски избори во САД поради стравот на многумина Американци да одат на гласање среде епидемијата со коронавирус, ќе доведе до широко распространета измама.

Независни безбедносни експерти за изборни манипиулации велат дека измамата на гласачите е исклучително ретка во САД.

-Единствениот начин овие избори да можат да ни ги одземат е доколку тоа бидат лажни избори. Ние ќе победиме, рече тој.

Во својот говор, Трамп се фокусираше и на пораката за „закон и ред“, како одговор на раширените протести низ земјата по полициското убиство на Џорџ Флојд во Минеаполис. Тој, исто така, ги охрабри училиштата и компаниите да се отворат и покрај пандемијата на коронавирус.

Четиридневната републиканска Национална конвенција почна синоќа, а Трамп треба да има обраќање секоја вечер.